Епл ТВ ќе ја пренесува Ф1 Академија во САД од 2027 година

Болид од серијата Ф1 Академија на патеката во Шангај
Фото: Liauzh / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Женската автомобилска серија Ф1 Академија од 2027 година ќе се пренесува на платформата Епл ТВ во САД, објавија Епл и Ф1 Академија. Гледачите во Америка ќе можат да ги следат сите квалификации и трки во текот на сезоната.

Ф1 Академија во 2027 година влегува во својата петта сезона. Серијата, која е на ниво на Формула 4, има цел да го поттикне развојот на младите возачки и да отвори можности за жените во моторниот спорт, како на патеката, така и надвор од неа.

Договорот се надоврзува на петгодишното партнерство со кое Епл ТВ од 2026 година е ексклузивен преносител на Формула 1 во САД, како и на успехот на филмот „Ф1“.

„Изградивме неверојатен замав во САД, со публика која расте и сè повеќе ги следи нашите возачки. Ова историско партнерство со Епл ТВ е уште еден важен чекор во растот на Ф1 Академија. Видливоста е клучна за нашата мисија. Кога младите девојчиња ќе видат жени како се тркаат, се натпреваруваат и успеваат, се менува она што веруваат дека е можно“, изјави директорката на серијата Сузи Волф.

„Неверојатно е да се види возбудата околу Формула 1 на Епл ТВ и воодушевени сме што ја пречекуваме Ф1 Академија во 2027 година. Овие талентирани млади возачки се иднината на моторниот спорт“, рече Џим Делоренцо, раководител на спортот во Епл.

Ијан Холмс, директор за медиумски права и преноси во Формула 1, истакна дека партнерството е можност повеќе навивачи да се доближат до трките, а повеќе жени и девојчиња да ја видат својата иднина во моторниот спорт.

Според глобалната анкета меѓу навивачите на Формула 1 од 2025 година, Ф1 Академија е втората најследена серија по Формула 1. Меѓу возачките кои се истакнаа во серијата се Алба Хуруп Ларсен, Алиша Палмовски и Ема Фелбермајр. За следење на преносите во САД е потребна претплата на Епл ТВ.