Фалон Шерок го победи светскиот шампион Лук Литлер во само еден леџ во пикадо и ја освои наградата од 501.000 фунти во шоуто на „Нетфликс“ насловено „Победи го Лук Литлер“. Тоа е втората најголема награда во историјата на пикадото, пренесува Гардијан.
Шоуто, чии водители беа Гери Линекер и Ричард Осман, се емитуваше во живо од „Манчестер Сентрал“, а во него учествуваа 20 аматери кои еден по еден се соочуваа со првиот играч на светот. Секој од нив имаше шанса да освои половина милион фунти доколку стигне до нула од 501 поен пред Литлер.
Литлер ги совлада првите 14 предизвикувачи, а Шерок беше 15та по ред. Таа влезе во шоуто преку гласање на гледачите, на кое освои 75 отсто од гласовите и беше подобра од Џерод Бекер.
Таа беше поблиску до центарот на таблата и фрлаше прва. Освои 180 поени, што беше дури третиот максимален резултат на вечерта, а потоа го затвори леџот на двојно 20 со вкупно 15 стрелички. На Литлер во тој момент му преостануваа уште 124 поени до крајот, пишува Би-Би-Си.
Со победата на Шерок, шоуто заврши веднаш, па преостанатите петмина аматери не добија шанса да се соочат со Литлер. За учество се пријавиле 25.000 кандидати, кои мораа да постигнат 501 поен со најмногу 24 стрелички, а во комисијата беа Фил Тејлор, Бери Хирн и Лора Тарнер.
Кралицата на Палата
Пред седум години Шерок стана првата жена што победила маж на Светското првенство на ПДЦ во „Александра Палас“, кога ги совлада Тед Еветс и Менсур Суљовиќ и стигна до третото коло, каде што загуби од Крис Добеј.
За тој настап таа заработи 25.000 фунти и го доби прекарот „Кралицата на Палата“. Триесет и двегодишната Англичанка има 21 титула во женската серија на ПДЦ, а во 2023 година доби и британско одликување за придонесот во пикадото.
Наградата од 501.000 фунти е најголемата во нејзината кариера и повторно ја става во центарот на вниманието.
















