Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука за тоа како ќе се распределат билетите за натпреварите на македонските фудбалери на Европското првенство (ЕП) во 2021 година.
Првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини кажа дека приоритет за купување влезници за ЕП ќе добијат здравствените работници, кои се во првите борбени редови против пандемијата на ковид-19.
„Иако во моментот се уште нема конечна одлука од УЕФА за бројот на влезниците за натпреварите од ЕУРО 2020 бидејќи здравствената ситуација може да наложи и да нема присуство на гледачи на стадионите (најнепосакувано сценарио за сите нас), сепак има надеж дека публика ќе има и секоја федерација ќе добие дел од влезниците за натпреварите на Европското првенство”.
„Затоа одлучивме како награда, доколку ситуацијата со пандемијата биде под контрола, како резултат на натчовечките напори и заложби кои секојдневно ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следува, приоритет за добивање на билети за следење на настапите на македонската репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против Ковид – 19 (доктори, сестри, технички персонал)”.
„Јасно ми е дека ова е премалку, но чуствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности”.
„Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и заштитната униформа со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе ги постигнат на Европското првенство”, истакна Сејдини.