Светската фудбалска федерација (ФИФА) се најде во центарот на нов скандал. Според интерни документи на кои се повикуваат “Њујорк тајмс” и францускиот “Ле Монд”, правните службеници на ФИФА уште пред Светското првенство утврдиле дека голманот на ДР Конго, Лионел Мпаси, не бил квалификуван да настапува за репрезентацијата. Сепак, ДР Конго не беше казнета и настапи на Мундијалот.
Мпаси, кој е роден во Франција и играл за младинските селекции на “петлите”, во 2021 година го смени државниот дрес, но Фудбалската федерација на ДР Конго никогаш не ја завршила потребната постапка за промена на асоцијацијата. Според документите, тој не смеел да настапи на пет квалификациски натпревари во изминатата година, меѓу кои и во африканскиот плеј-оф против Нигерија во ноември, каде што одбрани два пенали во финалето, како и во интерконтиненталниот плеј-оф против Јамајка во март, со кој ДР Конго се пласираше на првото Светско првенство по 52 години, пренесува Асошиејтед прес.
Жалбата на Нигерија одбиена поради технички причини
Истрагата започна по жалба од Нигерија, која беше елиминирана од ДР Конго. Правниците на ФИФА во март подготвиле листа на можни санкции: суспензија за Мпаси, доделување на натпреварот на Нигерија, парична казна, замена на ДР Конго со Нигерија во плеј-офот против Јамајка или да не се преземе ништо бидејќи жалбата наводно била поднесена задоцнето, пишуваат Индипендент и Pulse Sports. На крајот, случајот на Нигерија беше отфрлен поради техничка причина.
Мпаси потоа го бранеше голот на ДР Конго и на завршницата во Северна Америка, вклучително и во поразот од Англија со 2:1 во шеснаесетинафиналето. Според Телеграф, репрезентациите што настапуваат со неквалификуван играч обично службено ги губат таквите натпревари, а ФИФА веќе менувала резултати во минатото, како во случајот со двата натпревари на Боливија во квалификациите за Мундијалот 2018.
Што велат ФИФА и КОНКАКАФ
ФИФА не ги негираше наодите, туку соопшти дека жалбата на Нигерија е отфрлена поради техничка причина. “Комисиите се автономни и одлучуваат за случаите врз основа на важечките правила и конкретните факти пред нив”, наведоа од светската централа, додавајќи дека Џани Инфантино немал никаква улога во одлуката.
Од КОНКАКАФ, конфедерацијата на Јамајка, порачаа: “КОНКАКАФ многу сериозно ги сфаќа прашањата за квалификуваноста на играчите и очекува правилата и процедурите да се применуваат доследно и праведно на сите натпреварувања. Секое сомнение во врска со квалификуваноста на играч, особено ако може да влијае врз интегритетот на натпреварувањето или интересите на некоја од нашите членки, треба темелно да се разгледа преку соодветните тела на ФИФА.”
Новиот случај дополнително го става Инфантино под лупа по контроверзиите околу американскиот напаѓач Фоларин Балогун на Мундијалот. Балогун доби црвен картон и казна од еден натпревар, која дисциплинската комисија на ФИФА ја суспендираше, па тој можеше да игра во осминафиналето против Белгија. Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна призна дека лично му се јавил на Инфантино за казната да биде преиспитана, а Норвешката фудбалска федерација поднесе жалби до Етичката комисија на ФИФА.
















