Фудбалскиот сојуз на Србија соопшти дека до истекот на рокот на крајот на октомври не била поднесена ниту една кандидатура за претседател или за членови на Извршниот одбор. Поради тоа, изборното собрание закажано за 14 ноември ќе биде одложено.
„Во рамките на изборниот процес во Фудбалскиот сојуз на Србија истече рокот за поднесување кандидатури за претседател и членови на Извршниот одбор. До истекот на рокот не беше поднесена ниту една кандидатура“, се вели во соопштението објавено од седиштето на сојузот во Стара Пазова.
Од сојузот наведуваат дека се во постојан контакт со УЕФА и ФИФА во врска со наредните чекори. Според српските медиуми, меѓу можните решенија се привремено раководство или вршител на должноста, но и привремена управа што би ја назначила УЕФА.
Сојузот моментно го води легендата на Црвена звезда, Драган Џајиќ, а изборите требаше да донесат ново раководство во период кога српскиот фудбал се подготвува за големи обврски.
Србија, заедно со Албанија, е домаќин на Европското првенство за младинци до 21 година во 2027 година, па нестабилноста во сојузот предизвикува загриженост и во однос на организацијата на турнирот.
Во јавноста како можни кандидати се спомнуваа претседателот на Фудбалскиот сојуз на Белград, Никола Лазетиќ, и генералниот секретар на ФСС, Бранко Радујко, како и Ранко Стојиќ и Звездан Терзиќ. Кандидатура не поднесе ниту актуелниот претседател Џајиќ, ниту некој од спомнатите.
Фудбалскиот тренер Ненад Лалатовиќ јавно предложи легендата на Манчестер Јунајтед, Немања Видиќ, да го преземе сојузот.
Српската фудбалска јавност сега чека одлука за тоа кој и како ќе управува со сојузот до одржувањето на новите избори.
За ситуацијата во сојузот пишуваат Danas, Politika и Mondo.
















