Македонските каратисти со 14 медали од Европското шотокан првенство

Кумите борба на Европското карате првенство 2026 во Франкфурт, илустрација
Фото: Steffen Prößdorf / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Македонските каратисти освоија вкупно 14 медали на 16тото Европско шотокан првенство на ВСФ, кое се одржа во Софија. Нашите претставници се вратија со два златни, три сребрени и девет бронзени медали.

На првенството настапија 441 каратист од 44 земји, со 782 пријави во различни категории, што го прави ова издание едно од најмасовните досега.

Најуспешен беше клубот Јошитака, чии претставници освоија девет медали. Златото го донесе машката екипа во ката на возраст од 10 до 11 години, во која настапија Огнен Ѓорѓевиќ, Стефан Митевски и Бојан Трајкоски. Вториот златен медал го освои женската кадетска екипа на Јошитака во ката.

Бојан Трајкоски дополнително освои сребро во поединечна ката во категоријата од 10 до 11 години. Сребро освои и женската екипа на Јошитака во ката на возраст од 12 до 13 години, во состав Јоана Геогиевска, Јана Ивановска и Саша Крајческа, како и Максим Паунов кај јуниорите.

Бронзени медали за Јошитака освоија Дарија Ѓуровска во категоријата од 8 до 9 години, Симеона Митреска кај девојчињата од 12 до 13 години и Симона Трајкоска кај ветераните од 35 до 44 години. Бронза освои и јуниорската екипа во ката, во која настапија Андреј Мишков, Максим Паунов и Дамјан Стојановски.

Клубот Полог се врати со три бронзени медали, кои ги освоија Јована Маџоска кај кадетките, како и Матеја Деспотовска и Дејан Ѓоѓески кај сениорите.

Андреј Мишков, кој настапува за Гевгелија 75, освои бронза и во поединечна конкуренција кај јуниорите, а бронзен медал кај сениорките освои и Славица Андриевска.

Со 14 медали, македонските каратисти уште еднаш потврдија дека во шотокан каратето кај нас се работи квалитетно во клубовите, особено во младинските категории.