Габриел: Очигледно, Мадрид

Стадионот Алфредо Ди Стефано на Реал Мадрид
Фото: Brgesto / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Шеснаесетгодишниот напаѓач Џеј Џеј Габриел, кој во септември го напушти Манчестер Јунајтед, јавно потврди дека својата иднина ја гледа во Реал Мадрид. Младиот Англичанин веќе тренира во Шпанија и за мадридската „Марка“ кратко одговори на прашањето зошто ги одбил другите понуди.

„Очигледно, Мадрид“, изјави Габриел за Марка. Тој додаде дека неговиот сон е да ја освои Златната топка и дека ќе направи сè за да го оствари тоа.

Според Би-би-си, Реал постигнал усна договорка со играчот и неговите застапници и очекува да потпише договор со него во јануари. Сепак, меѓу двата клуба сè уште нема директни разговори.

Габриел е регистриран во академијата на Јунајтед до крајот на сезоната, но не се врати во клубот откако го напушти во септември. Тој требаше да стане најмладиот дебитант во историјата на Јунајтед на натпреварот од Лига купот против Брајтон, но одлучи да бара сениорски фудбал на друго место.

Трансферот треба да се реализира според правилото на ФИФА што им дозволува на клубовите од ЕУ да потпишуваат професионални договори со малолетни играчи кои имаат европски пасош. Габриел има право на пасош од ЕУ преку двајцата родители, а договорот мора да биде одобрен од ФИФА, пишува Гардијан.

За неговиот потпис се бореа и Барселона, Баерн и Пари Сен Жермен. Јунајтед има право на надомест за обука, а според Скај спортс, клубот од Олд Трафорд разгледува и можност за преземање правни чекори доколку утврди дека е прекршено некое правило.

Габриел минатата сезона беше прогласен за најдобар играч во Премиер лигата до 18 години, иако тогаш имаше само 14 години. На своето деби во Младинската лига на УЕФА постигна хет-трик, а во текот на летото настапи за првиот тим на Јунајтед на пријателскиот натпревар против Атлетико Мадрид.