Халанд со пенал ја запечати победата на Норвешка над Велс

Ерлинг Халанд
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Норвешка го совлада Велс со 3-1 во петтото коло од Групата А4 во Лигата на нациите и закажа одлучувачко скандинавско дерби со Данска. Еден од головите на „Улевол“ во Осло го постигна Ерлинг Халанд, кој во 88ма минута реализираше пенал, пренесува Би-би-си.

Велс беше поопасниот тим во првото полувреме, кое заврши без голови. Даниел Џејмс двапати шутираше покрај голот, а потоа го принуди норвешкиот голман Егил Селвик на првата одбрана на натпреварот.

Норвешка поведе со првиот удар во рамката на голот. Антонио Нуса во 59та минута силно шутираше од работ на казнениот простор, откако одбраната на Велс не успеа да ја исчисти топката по корнер. Девет минути подоцна Нуса и Халанд му ја наместија топката на Андреас Шјелдеруп, кој влезе од клупата, а тој од близина погоди за 2-0.

https://x.com/nff_landslag/status/2121730447545926134

Велс се врати во натпреварот во 79та минута, кога резервистот Дејвид Брукс со лоб го совлада Селвик. Сепак, во завршницата Конор Робертс го собори Шјелдеруп во казнениот простор, а Халанд сигурно ја реализираше најстрогата казна.

Халанд го заврши натпреварот со гол и асистенција. Тоа му беше 66ти гол во само 60 настапи за репрезентацијата, а според УЕФА, и 23ти гол во Лигата на нациите, со што го зголеми својот рекорд како најдобар стрелец во историјата на натпреварувањето.

Норвежаните, кои ова лето стигнаа до четвртфиналето на Светското првенство, со оваа победа се реваншираа за поразот во Кардиф пред еден месец. Пред натпреварот имаа три последователни порази, првпат по една деценија.

Норвешка сега има шест бода и се искачи на третото место, а Велс остана последен со три бода и поради лошиот меѓусебен скор не може да ги престигне Норвешка и Данска. Така, тимот на Крег Белами речиси сигурно ќе игра во баражот за опстанок во Лигата А во март.

Првопласираната Португалија има 12 бода, а второпласираната Данска девет. Норвешка во вторник гостува кај Данска, а Португалија игра на гости кај Велс.