Завршниот турнир на АТП во Торино почнува денеска, а во првиот натпревар во поединечна конкуренција првиот тенисер на светот, Александар Зверев, ќе игра против дебитантот Рафаел Ходар. Мечот во „Иналпи арена“ е закажан да започне не пред 14 часот, пренесува АТП.
Двајцата тенисери се во Групата Џон Мекенро, заедно со Бен Шелтон и Артур Фис, кои ќе играат во вечерната сесија, не пред 20:30 часот. Германецот е двократен шампион на турнирот, со титули освоени во 2018 година во Лондон и во 2021 година во Торино.
Зверев е најискусниот тенисер на турнирот и против Ходар ќе го одигра својот 31ви натпревар на завршниот мастерс. Шпанецот, пак, своето деби на турнирите од АТП-турата го имаше дури во јануари, на Отвореното првенство на Австралија, пишува АТП.
Зверев води со 1-0 во меѓусебните дуели. Тој го победи Ходар во четвртфиналето на овогодинешниот Ролан Гарос, каде што потоа ја освои својата прва гренд слем титула. Двајцата се меѓу само петмина тенисери кои се пласирале на завршниот турнир за најдобрите млади тенисери и на завршниот мастерс во две последователни години.
Третиот носител Шелтон води со 2-1 против Фис. Американецот ги доби двата меѓусебни натпревари во сала, на Лејвер купот во 2023 година и во полуфиналето во Базел во 2024 година, додека Французинот славеше во четвртфиналето во Токио во 2024 година.
Шелтон на завршниот турнир настапува втора година по ред и сè уште ја бара првата победа, а во Торино пристигна по финалето на мастерсот во Париз. Дваесет и двегодишниот Фис е првиот Французин на завршниот турнир по Гаел Монфис во 2016 година, иако сезоната ја почна дури во февруари поради повреда.
Програмата во 11:30 часот ќе ја отворат бранителите на титулата во двојки, Хари Хелиовара и Хенри Патен, против Бразилците Орландо Луз и Рафаел Матос. Не пред 18 часот, Хрватот Мате Павиќ и Марсело Аревало ќе играат против Французите Тео Арибаже и Албано Оливети.
На турнирот не настапува повредениот Јаник Синер. Во другата група се Карлос Алкараз, Данил Медведев, Флавио Коболи и Френсис Тијафо, а од секоја група по двајца тенисери ќе се пласираат во полуфиналето. Финалето е закажано за 22 ноември.
















