Ивановски: Ова е тежок период за нашиот Пелистер, потребна ни е поддршка за да се извлечеме од кризата


Кој ќе победи во Beer Pong - Лига на Шампиони! ↓↓↓


Пелистер, по добриот почеток на сезоната со две победи во првите три меча, сега се наоѓа во негативна серија од четири последователни порази. Поради ова, тимот е на осмото место на табелата, со минимална предност од само еден бод над зоната за испаѓање.

Во овој сложен период, тимот од Битола доживеа порази на гостувањата кај Македонија ЃП и Работнички, како и дома против Арсими и Башкими. Во овие натпревари, успеаа да постигнат само три гола, додека примија дури единаесет, што ги вбројува меѓу најслабите одбранбени екипи во Првата лига со вкупно 16 примени погодоци досега.

Капитенот Мирко Ивановски испрати порака до лојалните навивачи, поттикнувајќи ги да останат со тимот во овој тежок период и изразувајќи уверување дека кризата ќе биде надмината и дека подобри резултати ќе се појават наскоро.

„Како капитен сочувствувам со нашите навивачите во овој тежок момент за нашиот клуб и чувствувам потреба да им се обратам. Неочекувано западнавме во кризен период на игра и резултати и потребна ни е сплотеност и заедништво да излеземе од кризата. Се соочуваме со проблеми од разен тип, меѓу нив и повреди, но ако сме сите заедно верувам дека ќе излеземе од негативниот момент. Очекувам поддршка за оваа млада екипа, затоа што сезоната е долга, а во неа имаме многу цели за исполнување. Сакам да им го честитам почетокот на прославата на 40-годишнината на навивачката група ‘Чкембари’ и ветувам подобри денови. Овој роденден се совпаѓа со 80-от роденден на нашиот клуб и убеден сум дека заедно ќе славиме сезонава“, кажа Ивановски.