Како се создаде новиот македонски дрес – дизајнерот Мартин од „Некст Tајм“ ги открива деталите!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Новите дресови на фудбалската репрезентација ја донесоа првата победа за Македонија. Фудбалерите изгледаа одлично во новата опрема, во новиот дрес со препознатливи бои и елементи кога во прашање е Македонија. Но кој ги дизајнираше дресовите?

Препознатливото сонце истакнато на градите на фудбалерите на модерен начин ја отсликува енергијата и гордоста на Македонија. Дизајнот на новиот дрес остана верен на македонското фудбалско наследство, додека резервниот дрес во бело-жолта боја е уште една интерпретација на македонскиот дизајн за фудбалерите и навивачите. Третата варијанта на дресови и шорцеви е во темна боја, која дополнително го нагласува сонцето и националната гордост.И за сето тоа е заслужен еден од најпознатите македонски музичари, Мартин Филиповски од познатиот бенд „Некст тајм“. За многумина беше изненадување, но Мартин е дизајнер на новиот дрес кој собра “мал милион” симпатии од македонската јавност. Од каде Мартин од Next Time дизајнер? Мартин одговори сам на нашите прешања

Многумина се изненадија кога го видоа Мартин од Некст Тајм како дизајнер на новиот дрес на Македонската фудбалска репрезентација. Како дојде до целата приказна?

Мојата соработа со Фудбалската федерација на Македонија трае веќе некој период. Најпрво бев инволвиран во една реклама под слоганот “Сега е наше време” кога направивме песна заедно со Стефан како навивачка промо химна.

Од тогаш па наваму, некако почнавме да си веруваме со ФФМ. Направив неколку промо постери за дуелот со Косово, натпревар кој беше многу значаен за нас во тој период. Потоа Македонија се пласираше на Европското првенство и јас понудив идеја да се направи нов дрес.

После некој период Потпаролот на Фудбалската федерација на Македонија, Златко Андоновски ми се јави и ме викнаа во нивните простории каде договоривме соработка за нов дрес. Уште тогаш им велев дека треба да го редизајнираме веќе постоечкиот дрес со тоа што би го задржале знамето но во некој друг вид како патерн.

Тоа и го направив, идејата ја склопив за нецела недела. Заедно со Рахила која е дел од Фудбалската федерација се фативме за работа и таа идеја ја донесовме до ова денес што го гледа Македонската јавност.

Од каде ги доби инспирацијата и мотивот?

Исприрацијата е проста – тоа е нашето национално знаме на кого сите сме горди! Сонцето е дел од секој Македонец и знаеме дека гордо треба да го носиме на нашите гради. Мотивот беше тоа, каде и да одиме да бидеме амбасадори на Македонија и нашето знаме.

Се спомнува дека треба да се исполнат одредени услови на УЕФА во однос на изгледот на дресот. Имаше ли ограничувања во однос на целиот дизајн или ова беше точната замисла?

Точно, УЕФА си има свои правила и моравме да ги почитуваме. Од секогаш ме фасцинирале клубски дресови но за зал истите правила не постојат за национален дрес – тука мора да се запазат многу правила и норми но на крајот сепак сите сме задоволни. Можеби ако отидевме чекор понапред со креативност ке забегавме малку 😊 (се смее).

Колку време работеше на дизајнот?

Искрено, два дена ми беа потребни за да дадам некаква понуда кон фудбалската куќа. Нив им се допаѓаше моето размислување па дојдовме до брз заклучок и насоки. После тоа работевме три месеци на тоа, тука мислам на материјалот, кројот, фонт, детали, ракави и боја.

Задоволен си од реакцијата на јавноста?

Презадоволен сум! Секогаш сум верувал во публиката, знам дека нашата искрена заедничка работа публиката ја награди позитивно и тоа ме радува затоа што како во музиката така и тука сакав да допре ова парче креација создадена за фудбалерите и до нив. Ви благодарам од срце!

Како да биде поинаку кога импресиите и реакциите од јавноста ги надминаа очекувањата. Македонија доби прекрасен дрес, со сонцето на градите инспирирано од традиционални елементи. Сега, ни останува да го сочекаме официјалниот старт на продажба на дресовите произведени од брендот Јако и да го пополниме шкавчето со еден од најубавите македонски спортски дресови.