Карвахал помина лекарски преглед во Хетафе, се чека само зелено светло од Ла Лига

Карвахал помина лекарски преглед во Хетафе, се чека само зелено светло од Ла Лига
Фото: Ruben Ortega / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Дани Карвахал е на чекор од потпис за Хетафе. Претседателот на клубот, Анхел Торес, потврди дека поранешниот капитен на Реал Мадрид веќе го поминал лекарскиот преглед и дека договорот меѓу двете страни е постигнат, а единствено што останува е одобрувањето од Ла Лига, објави AS.

„Играчот веќе го помина лекарскиот преглед кај нас и договорот меѓу страните е затворен. Сега останува само Ла Лига и клубот да постигнат договор“, изјави Торес за ДАЗН пред просториите на клубот. Изјавата на претседателот ја пренесе и радиото COPE.

Карвахал е слободен играч откако на 30 јуни му истече договорот со Реал Мадрид. Според Cadena SER, самиот играч му се понудил на Хетафе, кој има слободни места за регистрација на играчи и простор во буџетот, а најголема пречка е токму дозволата од Ла Лига.

Клучна улога во трансферот имал тренерот Хосе Бордалас. Тој побарал засилувања на крилните позиции, а според извори блиски до преговорите, лично му се јавил на Карвахал и му го претставил проектот и улогата на лидер што би ја имал во соблекувалната, пишува AS.

Одговорот на 34-годишниот десен бек бил позитивен. Карвахал сака да остане во елитата на шпанскиот фудбал и во Мадрид, а агресивниот и интензивен стил на Хетафе одговара на неговиот карактер на теренот.

Во Реал Мадрид Карвахал одигра 451 натпревар, постигна 14 гола и даде 62 асистенции. Меѓу головите е и оној против Борусија Дортмунд во финалето на Лигата на шампионите во 2024 година. Со Реал освои 27 трофеи, меѓу кои шест титули во Лигата на шампионите, а со Шпанија е европски шампион од 2024 година.

Последните сезони, сепак, ги обележаа проблемите со коленото. Во сезоната 2024-25 го скина предниот вкрстен лигамент, по што го изгуби местото во стартната постава, а Реал го доведе Трент Александер-Арнолд. Карвахал потоа одлучи да не го продолжи договорот со клубот.