Интер Мајами, кој ја бранеше титулата во МЛС, е елиминиран уште во првата рунда од плејофот. Колумбус Кру во петокот навечер по американско време победи со 1-0 и ја доби серијата со две победи, без пораз, пренесува МЛС.
Победата на Колумбус ја донесе Сантијаго Родригез во втората минута од надополнувањето. Тој со гради ја спушти топката по додавањето на Анас Заруи и го совлада голманот Дејн Сент Клер, во моментот кога се чинеше дека натпреварот ќе се реши со пенали.
Колумбус убедливо го доби и првиот натпревар од серијата, со 3-0 на гостувањето во Мајами, во кој домаќините од 36тата минута играа со играч помалку по исклучувањето на Гонзало Лујан, наведува Гардијан.
Интер Мајами имаше прилики да поведе. Меси имаше шанса во 14тата минута, а Херман Бертераме во 84тата минута од непосредна близина ја испрати топката над голот.
„Ги создадовме најчистите прилики, но таков е фудбалот. Природно, чувствуваме длабока тага и разочарување. Нашата сезона заврши“, изјави тренерот на Интер Мајами, Кили Гонзалес, според Еј-Ес-Пи-Ен.
Колумбус ги држеше под контрола Меси и Бертераме во двата натпревара. Тимот на Лоран Куртоа стигна до осмата победа по ред и десеттата во последните 12 натпревари, иако на почетокот на септември беше на последното место.
Ова е вторпат откако Меси дојде во Интер Мајами во 2023 година тимот да испадне во првата рунда од плејофот. Во 2024 година тимот од Флорида беше елиминиран од Атланта Јунајтед во третиот натпревар од серијата.
Меси ја заврши сезоната во МЛС со 26 гола и 17 асистенции и повторно ја освои наградата за најдобар стрелец во лигата. Колумбус во полуфиналето на Истокот ќе игра против Њу Ингланд или Филаделфија, на 5 или 6 декември.
















