Планираниот меч меѓу Флојд Мејведер и Рајан Гарсија засега нема да се одржи. Компанијата Си-Ес-Ај Спортс, која го тужи поранешниот шампион, соопшти дека Мејведер не смее да се бори со Гарсија додека не ги исполни обврските кон неа, пишува Боксинг сцена.
„Бидејќи Флојд Мејведер има договорни обврски кон Си-Ес-Ај Спортс кои мора да бидат исполнети пред да се размислува за меч со Рајан Гарсија, нема да има борба со Гарсија на 6 февруари, ниту подоцна, додека не се исполнат обврските на Мејведер. Тоа е потврдено меѓу Си-Ес-Ај, адвокатот на Гарсија и неговиот промотор“, се наведува во соопштението.
Мејведер на 1 ноември преку Инстаграм најави дека во февруари планира да се бори со Гарсија, а пред тоа, на 19 декември во Бангкок, со Австралиецот Мети Флојд, пренесува Ем-Ем-Еј џанки. Подоцна и самиот Гарсија најави меч на 6 февруари.
Си-Ес-Ај Спортс го тужи Мејведер поради наводно прекршување на договорот со кој компанијата добила ексклузивни права за неговите мечеви против Мени Пакјао и Мајк Тајсон. Егзибицискиот меч со Тајсон е одложен, а и реваншот со Пакјао, кој требаше да се емитува на Нетфликс, мораше да биде ставен на мраз.
„Правните тимови на Си-Ес-Ај во Њујорк, Бангкок и Перт преземаат соодветни правни чекори за да ги заштитат договорните права, кои го спречуваат Флојд Мејведер да се бори со кој било друг додека не ги исполни обврските. Истите чекори неодамна успешно беа преземени за да се спречи неговото учество на борба во Грција“, соопшти компанијата.
Си-Ес-Ај претходно се обиде да го блокира егзибицискиот меч на Мејведер против грчкиот кикбоксер Мајк Замбидис, закажан за 27 јуни, кој подоцна беше откажан. Промотерската куќа на Гарсија, Голден бој, и неговиот адвокат не одговориле веднаш на барањето за коментар.
Гарсија е шампион на Светскиот боксерски совет (ВБЦ) во велтер-категорија, а титулата ја одбрани во септември, кога со нокаут го совлада Англичанецот Конор Бен. Според Боксинг сцена, тој сега би можел да ги продолжи претходните преговори за меч за обединување на титулите со Теофимо Лопез, кој е носител на титулата на Светската боксерска асоцијација (ВБА).
49-годишниот Мејведер има скор од 50 победи без ниту еден пораз, а професионалната кариера ја заврши во 2017 година, кога во десеттата рунда го совлада Конор Мекгрегор со технички нокаут.
















