Федерика Брињоне ја заврши кариерата поради болки во ногата

Федерика Брињоне во интервју по трка од Светскиот куп во Куршевел
Фото: Fis Ski TV / Викимедија комонс (CC BY 3.0)

Двократната олимписка шампионка во алпско скијање Федерика Брињоне објави дека ја завршува кариерата поради последиците од тешката повреда на левата нога што ја здоби во април 2025 година, пренесува Меѓународната скијачка федерација.

„Мојата нога не може да издржи уште една сезона со тренинзи и трки, болката е преголема. Секое вртење е болка, навистина е тешко“, изјави 36-годишната Италијанка на онлајн прес-конференција.

Брињоне деновиве првпат се врати на снегот по операцијата во август, кога ѝ беа отстранети плочата и завртките од ногата. По два дена скијање во Червинија сфатила дека не може да продолжи, пишува Скирејсинг.

„По овие два дена на снегот сфатив дека мојата нога сè уште не е целосно закрепната и дека сè уште чувствувам преголема болка. Затоа решив да ја завршам натпреварувачката кариера. Тоа е навистина многу тешка одлука“, напиша таа на социјалните мрежи, пренесува Ен-Би-Си спорт.

Италијанката ја завршува кариерата како најуспешна скијачка на својата земја во Светскиот куп со 37 победи, со кои го дели осмото место на вечната листа. Освои два олимписки златни медала, две титули светска шампионка и два големи кристални глобуса за триумф во генералниот пласман.

По фантастичната сезона 2024/25, во која оствари десет победи и триумфираше во генералниот пласман, Брињоне на државното првенство здоби двојна скршеница на ногата. И покрај тоа, само десет месеци подоцна, на Олимписките игри во Милано и Кортина ги освои златните медали во супервелеслалом и велеслалом.

„Тоа беше мојот невозможен предизвик, кој го добив“, рече Брињоне, која по Олимписките игри настапи на само уште две трки.

Таа сака уште еднаш да стартува на трка од Светскиот куп оваа сезона за да се збогува со спортот и со навивачите, а дополнително ќе соопшти каде и кога ќе се случи тоа.