Австралиецот Ринки Хиџиката продолжува да го живее својот сон на Мастерсот во Париз. Квалификантот, кој е 83ти на светската ранг-листа, го победи Аргентинецот Томас Мартин Ечевери со 2-6, 6-3, 7-5 и се пласираше во четвртфиналето, што е негов најдобар пласман во кариерата.
Хиџиката и овојпат почна лошо и го загуби првиот сет, но потоа направи пресврт. Само еден ден претходно, на ист начин, по загубениот прв сет, го исфрли Новак Ѓоковиќ со 2-6, 6-3, 6-3.
Според Тенис Мејџорс, 25-годишниот Австралиец е првиот квалификант што стигнал до четвртфиналето во Париз по Хуго Гастон во 2021 година. Со овој успех Хиџиката се искачува на 59то место на ранг-листата во живо, надминувајќи го својот досегашен најдобар пласман, 62рото место.
Во Париз Хиџиката ги мина квалификациите со победи над Жаиме Фарија и Вит Коприва, а на главниот турнир, пред Ѓоковиќ и Ечевери, го совлада и Лучано Дардери. Во четвртфиналето ќе игра против победникот од дуелот меѓу Лоренцо Музети и Лука Ван Аш.
Алкараз без игра во четвртфиналето
Карлос Алкараз се пласираше во четвртфиналето без да излезе на терен. Италијанецот Матео Беретини се повлече од нивниот натпревар поради повреда на раката, објави АТП. Беретини на социјалните мрежи напиша дека веќе неколку дена чувствува болка.
Шпанецот оваа сезона има учинок од 39 победи и пет порази, а пред Париз го освои турнирот во Виена. Во четвртфиналето ќе игра против победникот од дуелот меѓу Артур Фис и Тејлор Фриц. Алкараз ги има добиено сите три меѓусебни натпревари со Фис, а против Фриц води со 6-1 во победи.
Шелтон и Пол продолжуваат
Американецот Бен Шелтон го победи домашниот тенисер Артур Риндеркнек со 3-6, 6-4, 7-6 (5), а неговиот сонародник Томи Пол го совлада Кантен Алис со 7-6 (3), 6-4. Шелтон и Пол би можеле да се сретнат во четвртфиналето, пишува Асошиејтед прес.
Јаник Синер претходно се повлече од турнирот поради проблеми со коленото, па Алкараз е највисоко рангираниот тенисер што остана во ждрепката.
















