Манасков и Веспрем ќе играат против Кил во полуфиналето од ЛШ

Минатата сезона во елитната ракометна Лига на шампионите (ЛШ) беше прекината поради пандемијата на коронавирусот, па Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши фајнл-фор турнирот да се одигра на крајот на 2020 година, односно на 28 и 29 декември.

Четири екипи кои се пласираа на фајнл-форот се Веспрем, ПСЖ, Барселона и Кил, а тие на самиот крај на годината ќе се борат за да го освојат трофејот и да го наследат Вардар на европскиот трон.

Денеска беше одржана ждрепката за големото натпреварување, па македонскиот репрезентативец Дејан Манасков дозна дека со Веспрем ќе игра против Кил во едното полуфинале, додека другото е составено од Барселона и ПСЖ.