Масовна тепачка по победата на Галатасарај во дербито со Фенер

Виктор Осимен во дресот на Галатасарај
Фото: Ottomanor / Wikimedia Commons (CC0)

Големото истанбулско дерби меѓу Галатасарај и Фенербахче заврши со победа на домаќинот од 2-1, но по последниот свиреж на теренот на „РАМС Парк“ избувна масовна тепачка, поради која мораше да интервенира и полицијата, пренесува Goal.

Јунак на Галатасарај беше Виктор Осимен, кој постигна два гола во првото полувреме, во 29та и 44та минута. Фенербахче во 26та минута ја погоди стативата, а го намали резултатот во 62ра минута преку Ирфан Џан Кахвеџи, кој постигна атрактивен гол со ножички.

Два црвени картона по свирежот

Веднаш по крајот на натпреварот дојде до расправија меѓу Керем Актуркоглу и Роланд Салаи, која прерасна во тепачка во која учествуваа повеќе играчи. Најжестоко се судрија капитенот на Галатасарај, Абдулкерим Бардакџи, и одбранбениот играч на Фенербахче, Арчи Браун.

Судијата Атила Караоглан ги исклучи Бардакџи и Браун, а со жолти картони ги казни Актуркоглу и Салаи. Полицијата влезе на теренот за да ги раздели играчите.

Двајцата исклучени играчи изнесоа различни верзии за инцидентот. Браун изјави дека капитенот на ривалот го влечел за коса неговиот соиграч Гендузи и дека тој само го бранел, додека Бардакџи порача дека снимките ќе покажат кој прв нападнал.

Се очекуваат казни

Според турската агенција Анадолија, случајот ќе биде упатен до дисциплинската комисија на турската федерација. Во зависност од тоа како ќе биде квалификуван инцидентот, правилникот предвидува казни од една до три, од три до пет, а за напад и од пет до десет натпревари.

Со победата во деветтото коло, Галатасарај, предводен од тренерот Окан Бурук, ја зацврсти првата позиција со 22 бода, додека Фенербахче, предводен од Исмаил Картал, е петти со 16 бода. Ова беше 407то дерби меѓу двата клуба, а во последните 20 меѓусебни дуели беа доделени дури 18 црвени картони.

Галатасарај во следното коло ќе му гостува на Коњаспор во петок, пишува Daily Sabah.