Вардар и во наредниот период ќе ги игра домашните натпревари во тренинг-центарот на Фудбалската федерација на Македонија „Петар Милошевски“ во Скопје. Таму актуелниот шампион ќе ги пречека Тиквеш во Купот и Струга Трим Лум во првенството.
Првиот натпревар е во среда, 28 октомври, кога Вардар и Тиквеш ќе се сретнат во осминафиналето на Купот на Македонија. Почетокот е закажан за 13:30 часот.
Дуелот во Купот се игра на еден натпревар. Доколку по регуларниот дел резултатот е нерешен, нема да има продолженија, туку победникот веднаш ќе се одлучува со изведување пенали.
Само неколку дена подоцна, во понеделник, 2 ноември, Вардар на истиот терен ќе ја пречека Струга Трим Лум во 12тото коло од Првата македонска фудбалска лига.
Тимот на Вардар во последното коло одигра 0-0 со лидерот Шкендија во Гостивар, на натпревар на кој по интервенција на ВАР беа поништени дури три гола поради офсајд. Против Струга Трим Лум, која во саботата го совлада Скопје со 4-0, црвено-црните ќе се обидат да го намалат заостатокот зад првите два тима.
Тоа ќе биде еден од клучните дуели во борбата за врвот. По 11 кола, лидер е Шкендија со 24 бода, Струга е втора со 23, Вардар е трет со 21, а Тиквеш е веднаш зад нив со 20 бода.
Вардар и оваа сезона, како и во претходните две, често ги игра домашните натпревари токму во тренинг-центарот на ФФМ.
Тиквеш во последното коло на свој терен го совлада Башкими со 3-1, а напаѓачот Фал со десет голови е најдобар стрелец во првенството. Кавадарчани имаат само еден пораз во првенството оваа сезона, од Шкендија Арачиново, кај која ќе гостуваат во 12тото коло.
















