Медведев го совлада Атман и се пласира во полуфиналето во Алмати

Данил Медведев на тренинг на турнирот во Вашингтон
Фото: Hameltion / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Данил Медведев ја продолжува одбраната на титулата во Алмати. Најдобро пласираниот тенисер на турнирот од серијата АТП 250 во четвртфиналето го совлада Французинот Теренс Атман со 6-4, 6-4 и се пласира во полуфиналето.

Медведев имаше контрола во текот на целиот меч против 24-годишниот Атман, а особено опасен беше со форхендот, со кој освои 13 директни поени. Рускиот тенисер, сметајќи го и минатогодишниот триумф, сега има серија од шест последователни победи на турнирот во Казахстан.

„Не е лесно да се игра против Теренс. Има силен сервис и силни удари. Морав да останам во мечот и најдов неколку добри пасинг удари и добри винери“, изјави Медведев, пренесува АТП.

Поранешниот прв тенисер на светот оваа година има најмногу победи на тврда подлога на АТП турнејата, вкупно 36, а сите три титули во 2026 година ги освои токму на оваа подлога, во Бризбејн, Дубаи и Хангџоу. Во полуфиналето ќе игра против победникот од дуелот меѓу Александар Бублик и Карен Хачанов.

Победата е важна и за трката за завршниот турнир во Торино. Медведев е шести на листата, со предност од 640 поени пред десетопласираниот Алекс де Минор, кој оваа недела не настапува.

Во претходното коло Медведев за само 52 минути го совлада Јапонецот Шо Шимабукуро со 6-2, 6-1, а по мечот зборуваше и за Јаник Синер и Карлос Алкараз. „Тие се, во добра смисла, чудаци. Знаат да прават работи што другите не можат“, рече Медведев, пренесува Тенис мејџорс.

„Кога се здрави, во текот на целата година докажаа дека се број еден и број два на светот, без разлика по кој редослед. Но, да се биде здрав е исто така дел од играта, а оваа година тоа не беше случај“, додаде рускиот тенисер, алудирајќи на повредите со кои се соочуваа двајцата.

Во другото полуфинале ќе се сретнат Стефанос Циципас и квалификантот Николоз Басилашвили. Грчкиот тенисер го совлада Џејмс Дакворт со 6-3, 6-4 и стигна до своето второ полуфинале оваа сезона, а Грузиецот со 6-3, 6-1 го елиминираше Адријан Манарино.