Мелиќи за дебитантскиот повик во А-тимот - Привилегија е, ќе дадам максимум

Фудбалски меч под рефлектори ноќе

Стоперот на Шкендија, Анес Мелиќи, го доби првиот повик во А-репрезентацијата на Македонија. Досегашните настапи за селекцијата до 21 година и солидната минутажа во дресот на тетовскиот клуб му ја отворија вратата кон сениорскиот тим. Заедно со него, од младата репрезентација во А-тимот беше прекомандуван и Матеј Гаштаров.

На репрезентативниот собир, Мелиќи јасно го истакна предизвикот што следува.

„Нè очекуваат силни противници. Б дивизијата е голем предизвик за сите. Швајцарија е противникот на кој мораме да мислиме. Одиме чекор по чекор. Штом ми е дадена оваа привилегија да бидам дел од А-националниот тим, секако дека се надевам и на минутажа. Секоја шанса дадена од селекторот ќе ја искористам максимално“, изјави тој за SportSport.

Во разговор за Дерби додаде: „За мене е привилегија да бидам дел од овој тим. Имаме четири многу тешки натпревари, но мислам дека прво треба да мислиме на Швајцарија. Сите знаеме каков противник е Швајцарија. Дај Боже, со Господ напред, да оствариме позитивен резултат. Нормално дека очекувам настап и секоја минута што ќе ми ја даде селекторот ќе дадам максимум“.

Македонија во новото издание на Лигата на нации ќе настапува во Б дивизијата, во група со Швајцарија, Словенија и Шкотска. Од 26 септември до 6 октомври следуваат четири натпревари - дома и на гости против Швајцарија, на гости против Словенија и дома против Шкотска.

Првиот дуел е против Швајцарија на Националната арена „Тодор Проески“.

Според SportSport, првиот тренинг на националниот тим беше закажан за денеска во 18:30 часот, на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје.