Лионел Меси ќе учествува на прошталниот натпревар на својот поранешен соиграч од репрезентацијата на Аргентина, Карлос Тевез. Спектаклот наречен „Последниот танц на Апачот“ ќе се одржи на 20 декември на легендарниот стадион „Бомбонера“ во Буенос Аирес, потврдија организаторите, пренесува „Ал Џезира“.
„Вистинска чест е да го пречекаме најдобриот играч на светот на последниот танц на Апачот“, напишаа организаторите на Инстаграм.
Тевез, кој има 42 години, ја заврши кариерата во 2022 година во Бока Јуниорс, клубот во кој израсна. Во Европа играше за Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Јувентус, а со Меси беа соиграчи во репрезентацијата од 2005 до 2015 година, вклучително и на светските првенства во 2006 и 2010 година, потсетува Еј-Ес-Пи-Ен.
Меси нема да биде единствената ѕвезда на теренот. Своето учество веќе го потврдија Рио Фердинанд, Серхио Агуеро, Леандро Паредес, Џанлуиџи Буфон и Мартин Палермо, а аргентинскиот „Кларин“ пишува дека на натпреварот ќе учествуваат и Патрис Евра и возачот во Формула 1, Франко Колапинто, кој, според Тевез, сака да игра како централен напаѓач.
Тевез уште минатата година изјави дека сака Меси и Кристијано Роналдо, неговиот поранешен соиграч од Манчестер Јунајтед, да играат во спротивни екипи на неговиот проштален натпревар. Роналдо е поканет, но засега не го потврдил своето учество.
Двајцата големи ривали последен пат се сретнаа на официјален натпревар во 2020 година, кога играа за Барселона и Јувентус, а во 2023 година се соочија на ревијален натпревар меѓу ПСЖ и селекцијата на Ријад.
Според Еј-Ес-Пи-Ен, тоа ќе биде првиот натпревар на Меси во Аргентина по пријателскиот дуел со Бенин на 6 октомври, кој воедно беше и неговиот последен настап за репрезентацијата.
„Сакам да ги однесам во Фуерте Апаче“, рече Тевез за „Кларин“, откривајќи дека сака гостите да ја запознаат населбата во Буенос Аирес во која пораснал и по која го добил прекарот Апачот.
















