До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓
Навивачите на Милан можат да здивнат, затоа што, како што стојат работите, најдобриот фудбалер на овој клуб Рафаел Леао (26) ќе остане во италијанскиот гигант уште долго време.
Имено, угледниот “Gazeta delo Sport” пишува дека Милан за португалскиот крилен напаѓач подготвил значително подобрен договор за да не реагира на интересот од тимовите од Саудиска Арабија и Премиер лигата.
Леао, кога пристигна од Лил во 2019 година, заработуваше 1,5 милион евра годишно, а во 2023 го продолжи договорот со плата од 5,5 милиони евра, плус бонуси.
Овој играч е веќе седум години во Милан, па раководството на клубот смета дека е време да добие договор каков што добиваат само најдобрите во Серија А, а Леао, без сомнение, е токму таков.
Сега неговата основна заработка би можела да изнесува помеѓу седум и девет милиони евра, со дополнителни премии.
Наводно, Леао е подготвен да стави потпис на таков договор, па така Милан и пред почетокот на трансфер периодот ќе заврши голема работа во оформувањето на новиот тим, кој сигурно ќе игра во Лигата на шампионите.
Милан е на 11 кола пред крајот втор на табелата во Серија А со десет бода заостанување зад водечкиот Интер. До Скудето ќе биде тешко, но враќањето во Лигата на шампионите не би требало да изостане…
















