Македонија се дави во ѓубре - решението го бараме во Данска ↓↓↓
Тренерот на фудбалерите на Бенфика, Жозе Мурињо, изјави дека секогаш ќе биде дел од Челси и неговата историја, како и дека не очекува свирежи од навивачите на престојниот натпревар од второто коло на Лигата на шампионите.
“Секогаш ќе бидам ‘Син’, дел сум од нивната историја и тие се дел од мојата. Но, сега повеќе не сум ‘Син’, сега сум ‘Црвен’ и сакам да победам”, рече Мурињо на прес-конференција.
Фудбалерите на Челси и Бенфика ќе се сретнат во вторник во 21.00 часот во Лондон, во натпревар од второто коло на лигашката фаза на Лигата на шампионите.
Португалскиот тренер се смета за еден од најдобрите во историјата на Челси, со кој освои седум домашни трофеи, вклучувајќи три од Премиер лигата во два мандати (од 2004 до 2007 и од 2013 до 2015 година).
Неговите претходни посети на “Стенфорд Бриџ” беа проследени со свирежи од навивачите и навредливи скандирања, особено додека беше тренер на Манчестер Јунајтед и локалниот ривал Тотенхем.
“Сè тоа беше резултат на недоразбирање. Еднаш еден член од стручниот штаб на Челси ме навреди, па јас реагирав, а луѓето мислеа дека реагирам на голот на Челси… На крај, ништо вистински не се случи”, додаде 62-годишниот тренер.
Мурињо продолжи велејќи дека во вторник не очекува свирежи од трибините.
“Не верувам дека навивачите на Челси ќе ми свират. На крајот на краиштата, на улица постојано ме запираат за слики и автограми”, рече тој.
Тој во својот стил изјави дека ќе остане најголем во историјата на Челси.
“Челси освојувал трофеи пред моето доаѓање, но почна да победува и продолжи да победува кога јас дојдов. Потоа доаѓаа нови тимови, нови тренери, освојуваа нови трофеи, европски па и Лигата на шампионите. Челси е победничка машина, но јас ќе останам најголем додека некој не освои четири титули во Премиер лигата”, рече Мурињо.