Навивач на Спарс го турна Дончиќ по поразот на Лејкерс

Лука Дончиќ во дресот на Лос Анџелес Лејкерс
Фото: Erik Drost / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Лука Дончиќ беше турнат од навивач на Сан Антонио Спарс додека излегуваше од теренот по поразот на Лејкерс со 99-96 во петокот навечер по американско време. Обезбедувањето на салата го исфрли мажот, а Дончиќ објасни што се случило, пренесува Асошиејтед прес.

По елиминацијата на Лејкерс од НБА купот, Дончиќ на пат кон соблекувалната на гостите фрлил бела нараквица кон седиштата покрај теренот. Според ЕСПН, жена што седела во првиот ред изгледа му рекла нешто токму пред да ја фрли нараквицата, а Дончиќ потоа се вратил да ја земе.

„Само ја фрлив нараквицата како што го правам тоа речиси на секој натпревар. Потоа слушнав дека не ја сакаат, па се вратив да ја земам. Тој само ме турна, а јас ја дадов на некој друг“, изјави Дончиќ.

Мажот што седел до жената му ја подал нараквицата, а потоа со десната рака го турнал Дончиќ. Веднаш реагирал неговиот соиграч Џарид Вандербилт, а интервенирале и припадниците на обезбедувањето, по што мажот бил исфрлен.

Во други извештаи се наведуваат различни верзии на настанот, а во дел од нив се тврди дека Дончиќ ја фрлил нараквицата кон жената. Видеоснимката од преносот на Амазон прајм го покажува текот на настанот.

Сè уште не е јасно дали Дончиќ или навивачот ќе бидат казнети. Според Јаху спорт, лигата досега не соопштила дали ќе поведе постапка, а правилата строго забрануваат физички контакт меѓу навивачите и играчите.

Лејкерс во петокот водеа со 20 поени разлика, но Спарс направија пресврт и ги елиминираа од натпреварувањето. Според ЕСПН, Лејкерс се првиот тим што сезонава во повеќе наврати прокоцкал предност од 20 поени.