Македонскиот кошаркарски тренер Александар Јончевски е нов шеф на стручниот штаб на полскиот прволигаш Енерга Чарни Слупск, објави Полската кошаркарска лига. За неговиот ангажман прв пишуваше СпортСпорт.
45-годишниот стратег го заменува Кшиштоф Шабловски, кој беше отпуштен минатата сабота по убедливиот пораз од Асториа во Бидгошч со 58-95. Тоа беше осми последователен пораз за Чарни, кој ја започна сезоната со учинок од 0-8, наведува полскиот портал Еска.
Чарни и Трефл од Сопот се единствените две екипи во полското првенство што сè уште немаат победа оваа сезона.
Јончевски ќе дебитира на клупата на новиот клуб во понеделник, 7 декември, на домашниот натпревар против ГТК Гливице, пишува Еска.
Македонскиот тренер се враќа во Полска, каде што веќе работеше како тренер во тамошното првенство. Во декември 2024 година го замени Миодраг Рајковиќ на клупата на Шлонск од Вроцлав, каде што остана до април 2025 година, кога го наследи Гркот Арис Ликојанис.
Во текот на кариерата, Јончевски ги водеше Работнички, МЗТ и Кожув, како и српскиот Спартак од Суботица, унгарскиот Пакш и косовскиот Башкими од Призрен. Неодамна се раздели со Влазними од Косово.
Тој беше и помошник-селектор, а потоа и селектор на македонската кошаркарска репрезентација.
















