Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Викендов Формула 1 ќе се вози во Катар, но шампионот е веќе познат бидејќи Макс Ферстапен минатиот викенд во Лас Вегас математички ја обезбеди титулата, која му е четврта по ред.
Сепак, Мекларен може да биде шампион во трката на конструкторите, бидејќи се на прво место со 24 поени предност во однос на Ферари и 53 поени предност во однос на третопласираниот Ред Бул.
„Претходно можеше да станеш шампион само во најбрзиот болид, но годинава работите беа поинакви“, изјави Зек Браун за „Скајспортс“ неодамна и тоа го натера Ферстапен да му одговори.
Макс во разговор со „Де Телеграаф“ рече:
„Таквите работи само ме мотивираат. Ако луѓето се критички расположени и мислат дека е можно да се победи само со најдобриот болид, јас им покажувам спротивното. Ако сега не ме почитуваат, не знам кога ќе го направат тоа. Дали би бил шампион во Мекларен? Да! И тоа многу порано“, рече Ферстапен.
На ова Ландо Норис не остана должен и возачот на Мекларен му порача:
„Треба да се занимава со комедија. Може да каже што сака. Секако дека не го делам неговото мислење, тој е добар возач, но не е искрен. Знам колку е способен возач, но сигурен сум дека ако тој не е во Ред Бул, јас би освоил шампионска титула. Не му верувам на неговите коментари”, рече Норис.