Олимпија Милано доби уште една лоша вест во кризниот почеток на сезоната. Центарот Девин Букер ќе отсуствува најмалку три месеци поради кинење на тетивата на правиот бутен мускул на десната нога.
Американецот, кој не треба да се меша со истоимениот играч на Финикс Санс, се повреди на гостувањето кај Олимпијакос во Атина минатата недела. Клубот во официјалното соопштение наведе дека станува збор за повреда на тетивата и дека времетраењето на опоравувањето ќе се утврди по дополнителните прегледи, пренесува Спортандо.
Сериозноста на повредата ја потврди тогашниот тренер Пепе Поета пред домашниот пораз од Валенсија во Евролигата. Тој за Скај спорт Италија изјави дека Букер ќе отсуствува најмалку три месеци.
Според Еврохупс, Букер не се очекува да се врати на паркетот пред јануари. Во Евролигата тој имаше просек од 6,1 поен и 3,8 скока за 15,6 минути на паркетот.
Без Букер, на Милано под кошот му остануваат само македонскиот репрезентативец Мозес Рајт и Усман Диоп. Тоа значи дополнителен товар за двајцата во период кога италијанскиот шампион игра по два, а понекогаш и по три натпревари неделно.
Клубот веќе бара нов центар на пазарот, пишува Баскетњус. Милано е во тешка криза, со само една победа од десет натпревари во Евролигата и серија од осум порази по ред во сите натпреварувања.
Еврохупс оценува дека Милано веројатно ќе бараше засилување под кошот и без повредата на Букер, кој оваа сезона игра во сенка на Мозес Рајт. Сепак, долгото отсуство на американскиот центар ја прави потребата од нов играч уште поитна.
Поразот од Валенсија со 73-84 беше последниот натпревар на Поета на клупата. Клубот потоа го разреши тренерот, а екипата привремено ја презеде Марко Рамондино.
















