Пандев ја нападна ФФМ: Сејдини не е среќен што ќе играме на ЕП, планираше да го избрка Ангеловски!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев предизвика вистинска бура на социјалните мрежи откако во интервју за „ТВ24“ удри по ФФМ, односно првиот човек Муамед Сејдини.

Пандев кажа дека Сејдини планирал да го избрка селекторот Игор Ангеловски пред натпреварите против Грузија и Косово, а исто така кажа дека претседателот на ФФМ не е воопшто среќен што Македонија ќе игра на Европското првенство.

„Се кроеше некаква политика, да бидам искрен, се кроеше долго време политика околу А-репрезентацијата и селекторот. Претседателот и некои луѓе сакаа да ја нарушат атмосферата во репрезентацијата, но не успеаја. Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија, а токму Сејдини и некои луѓе околу него, кои не ги ни познавам не дојдоа ниту да ни посакаат среќа. По натпреварот со Израел, дојде во хотелот и ми вели, Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски, му одговорив вие сте претседател, вие одлучувате, но според мене не е моментот вие да го правите тоа“, вели Пандев.

Пандев порача дека цела македонска јавност стои зад Ангеловски и порати тоа Сејдини не можел да го отпушти.

„На крајот, сепак немаше сили да го направи тоа, затоа што цела македонска јавност стои и зад селекторот Ангеловски и зад нас како репрезентација. Некои луѓе работеа против репрезентацијата, ама не успеаја. Глумеа дека се среќни, а во лицето им се гледаше дека не се. Жално е се што се случува по пласманот на ЕП. Како и да е, оваа генерација заслужи да ги има најдобрите услови за работа, а сакам да потенцирам дека 90% од репрезентативците не ни знаат кој е претседател на ФФМ кој е потпретседател и кои се луѓето кои патуваат со нас, тоа се анти-фудбал луѓе. Јас со Адеми, со Алиоски, со Барди се слушам секој ден како браќа сме“, додаде капитенот на репрезентацијата.

Пандев меѓу другото откри дека ќе се пензионира по завршувањето на Европското првенство.

Фото: ФФМ