Пешевски на аукција го става дресот на репрезентацијата за Стефан

Жарко Пешевски во дресот на Македонија на Европското првенство
Фото: Ailura / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0 AT)

Македонскиот ракометен репрезентативец Жарко Пешевски организира хуманитарна аукција за дресот на македонската репрезентација со потписи од сите соиграчи. Сите собрани средства ќе бидат донирани за лекувањето на Стефан Петрушевски.

Петрушевски се здоби со тешки повреди на ‘рбетот по струен удар и пад од височина, поради што е неопходно да го продолжи лекувањето во странство, во специјализирана медицинска установа.

Дресот носи потписи од сите играчи кои беа дел од последниот натпревар меѓу Македонија и Романија на Европското првенство. Почетната цена изнесува 6.000 денари, а аукцијата ќе трае до петок во 21 часот. Заинтересираните можат да му испратат приватна порака на Пешевски на социјалните мрежи.

Репрезентативецот ја објасни својата одлука со емотивна објава на Инстаграм. „Хуманоста не познава граници, вера и националност. Да бидеш хуман е доблест и човечка особина која секој од нас ја носи во себе. Спортот и спортистите знаеле и знаат да пружат рака кога е најпотребно“, напиша Пешевски.

„Секој од нас води битки во животот. Некои на терените за своите клубови и репрезентации, а некои во секојдневието, борејќи се за подобро утро за себе и за своето семејство. Еден од нив е и Стефан Петрушевски. Го игра најважниот натпревар и ја води најголемата битка во својот живот. Другар, пријател, професионалец во својата професија, грижлив родител и сопруг“, додаде тој.

„Потребно е да му помогнеме и знам дека ќе успееме во оваа хуманитарна мисија. Затоа, со една цел, Стефан да успее во своето најважно животно поглавје, денес го објавувам овој дрес на ракометната репрезентација на Македонија, за кој не треба да се трошат зборови. Сите знаеме што значи и каков симбол на успех и заедништво претставува за целата наша држава во моментите кога игра Македонија“, порача Пешевски.