Платини: Минав низ десетгодишен пекол


Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст ↓↓↓


Мишел Платини гостуваше во Театарoт Карани во Сасуоло на Фестивалот на казненото правосудство, а со него разговараше заменик уредникот на Il Messaggero, Алваро Моретти. Поранешниот претседател на УЕФА зборуваше за обвиненијата за корупција, за годините на судење и за ослободителната пресуда.

Сето тоа започна во септември 2015 година кога истражителите му тропнаа на вратата. Обвинет беше за измама, фалсификување и поткуп на тогашниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, со два милиона швајцарски франци. Во тој момент, тројниот освојувач на Златната топка чувствуваше како му распаѓа животот. Следеше деценија на сомнежи, судења, санкции и медиумски наслови кои го претставуваа како симбол на корупцијата во светскиот фудбал.

„Бев изненаден. Тоа се случи во ФИФА за време на состанок на Извршниот комитет, со многу новинари. Беше чудно. ФИФА ме оцрни жестоко, кажаа дека сум корумпиран, не ме сакаа за претседател. Сѐ беше јасно од почетокот. Тоа беше десетгодишен пекол,” се присетува.

По речиси десет години и две ослободителни пресуди, целиот случај заврши во март оваа година кога Вонредниот жалбен суд во швајцарскиот Мутенц оцени дека Блатер и Платини не се виновни. Платини секогаш тврдеше дека договорот бил легитимен, потпишан и пријавен на даночните власти.

„Ќе бев првата корумпирана личност во историјата која би платила данок на мито,” се пошегува и додаде: “Не сум скршен човек. Живеев добар живот, моето семејство и пријателите ми помагаа. Не станав претседател на ФИФА, но кого му е гајле.”

Смета дека сакале да го отстранат за да не стане претседател на ФИФА.

„Зад мене беа 150 сојузи. Само сакаа да ме отстранат. Најлошо беше за моето семејство, на моите внуки во училиште им рекоа: ‘Твојот дедо е корумпиран.'”