Кристапс Порзингис објави дека се повлекува од кошарката за да се посвети на своето здравје. Центарот на Голден Стејт Ворирс ја соопшти одлуката во петокот преку објава на социјалната мрежа Икс, но не појасни дали станува збор за трајно заминување или за пауза.
„Навистина се радував да продолжам со оваа група, но кога го зголемив темпото, моето тело не реагираше како што очекував“, напиша 31-годишниот Летонец. „Добро сум, но знам што е потребно, а не сум таму каде што сакам да бидам за да играм на нивото што го очекувам од себе. Во овој момент донесов одлука да му дадам приоритет на здравјето и да се оддалечам од играта што ја сакам.“
Порзингис не ја откри природата на здравствениот проблем. Според Ен-би-си спорт, станува збор за синдром на постурална ортостатска тахикардија (ПОТС), кој првпат му предизвика проблеми кон крајот на сезоната 2024/25 во Бостон Селтикс.
Неговиот статус беше неизвесен уште од крајот на септември, кога Ворирс објавија дека ќе отсуствува на неопределено време поради здравствен проблем и дека нема да патува со екипата на подготовките на Хаваи, пренесува Ен-би-еј.
Летонецот најави дека сака да соработува со клубот за да се најде „решение што има смисла“. Ен-би-си спорт потсетува дека новинарот Џејк Фишер оваа недела објави оти Ворирс му ја задржуваат платата и го сметаат неговото отсуство за неоправдано, како и дека клубот размислувал за негова трампа.
Порзингис пристигна во Голден Стејт преку трампа во февруари, а минатата сезона одигра 15 натпревари со просек од 16,1 поен и 5,3 скока. Летово потпиша двегодишен договор вреден 40 милиони долари.
Летонецот беше избран како четврти пик на драфтот во 2015 година од Њујорк Никс. Во 11 сезони во НБА го носеше дресот на шест клубови, а во 2018 година беше дел од Ол-стар натпреварот. Најголемиот успех го оствари во 2024 година, кога ја освои титулата со Бостон.
Својата објава ја заврши со благодарност до семејството и блиските: „Многу благодарам на сите вас за поддршката. Само напред и нагоре.“
















