Познати се сите четвртфинални парови на НБА купот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со синоќешните натпревари во НБА лигата воедно се одигра и последното коло од натпреварувањето по групи на НБА купот, по кое се познати сите осум четвртфинални парови. На Голден Стејт, Хјустон и Атланта, кои претходно изборија нокаут-фаза, им се придружија Милвоки, Њу Јорк, Орландо, Оклахома сити и Далас.

Њу Јорк во дуелот на досега непоразени во групата Исток А го совлада Orlando со 121:106 и го обезбеди првото место, но и Орландо помина како најдобар второпласиран тим на Истокот. Две непоразени екипи се сретнаа и во групата Исток Б, а Милвоки победи на гости кај Детроит со 128:107, кој испадна поради полошата кош-разлика од Орландо и Бостон, кои исто така завршија со 3-1.

Групата Запад Б ја освои Оклахома сити со лесна победа против Јута џез со 133:106 и се приклучи на Голден Стејт и Хјустон во четвртфиналето, а како најдобар второпласиран тим од Западот поминаа Далас по победата над Мемфис со 121:116, со што завршија на 3-1 и подобар кош-разлика од Феникс.

На 10 декември во четвртфиналето ќе се сретнат Milwaukee и Орландо, односно Оклахома и Далас, а ден подоцна Њу Јорк и Атланта, односно Хјустон и Голден Стејт. Победниците ќе одат на Ф4-турнирот во Лас Вегас, каде што на 14 декември ќе се играат полуфиналните дуели, а на 17 декември финалето, единствената средба на НБА купот која не се брои за основниот дел од НБА сезоната.