Џорџ Расел со Мерцедес беше најбрз на вториот слободен тренинг за Големата награда на Лас Вегас, со време од 1:47.272, поставено на самиот крај на сесијата, која целосно се возеше на влажна патека, објави Формула 1.
Втор беше Пјер Гасли со Алпин, само 0,071 секунда зад Британецот, а трет Шарл Леклер со Ферари, со заостанување од 0,333 секунди. Во првата петорка се најдоа и Исак Хаџар со Ред Бул и Оскар Пјастри со Мекларен.
Првите десет ги заокружија Луис Хамилтон, Ландо Норис, Кими Антонели, Франко Колапинто и Фернандо Алонсо. Макс Верстапен беше 13ти, со време поставено дури во последните минути, а преку радиоврската пријави проблеми со болидот.
Првиот тренинг заврши без ниту едно официјално време поради дождот, а возачите главно возеа инсталациски кругови, пишува Формула 1. На тој тренинг некои тимови им дадоа можност и на млади возачи: Дино Беганович седна во болидот на Хамилтон во Ферари, Џек Крафорд го замени Алонсо во Астон Мартин, а Рјо Хиракава возеше наместо Оливер Берман во Хас.
Вториот тренинг почна во 20 часот по локално време, на патека која сè уште беше влажна. Пјастри прв постави време (2:02.786), а по 15тата минута Норис прв премина на интермедијални гуми, по што истото го направи и Пјастри. Норис долго време беше на врвот, пред Леклер прв да се спушти под 1:50.
Околу десет минути пред крајот беше истакнато црвено знаме поради парчиња пластика што ветерот ги нанесе на патеката. По продолжувањето, сите возачи останаа на интермедијални гуми. Хаџар беше на пат да постави најдобро време, но во последните кривини му попречи Берман со Хас, а Расел на крајот го освои првото место.
Пјастри на трката во Лас Вегас ќе стартува десет позиции поназад поради казна. Викендот продолжува со третиот слободен тренинг и квалификациите, а трката е закажана за сабота по локално време.
















