Репрезентативците ќе лапнат по 100.000 евра премија за успешните настапи во евроквалификациите

Претседателот на македонската фудбалска федерација, Муамед Сејдини најави дека сениорската репрезентација ќе добие премија од 100.000 евра по успехот против Словенија и позитивните резултати во евроквалификациите.

Македонија со 2:1 ја доби Словенија во вчерашниот натпревар на „Тодор Проески“ арената и со тоа остана во трка за една од првите две позиции кои водат на континенталниот собир во 2020 година.

– Уживаме во прекрасни фудбалски денови и посакуваме тоа да продолжи. Македонскиот фудбал по триумфот против Словенија доби уште една причина за радост, но сакам да им порачам на фудбалерите и навивачите да останеме скромни и смирени. Убаво е да се видат полни трибини на Националната арена и нашата репрезентација на сите насловни страни, тоа ја покажува моќта на фудбалот. Како раководство на Фудбалската федерација на Македонија ветивме премија за репрезентацијата и ќе исплатиме сума од 100.000 илјади евра како награда за трудот и резултатите. Честитки и посакувам да ја продолжиме оваа убава приказна, да ја задржиме позитивната енергија и да бидеме уште подобри, изјави Муамед Сејдини, претседател на ФФМ.