Анде Јанков - автор на крими романи: Блискоста на реалноста и фикцијата! ↓↓↓
Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо има намера да откупи значителен дел од акциите на Валенсија и така да стане мнозински сопственик на посрнатиот гигант од „Месталја“, пренесуваат „Фут Меркато“.
Истиот извор додава дека сегашниот сопственик на Валенсија, Питер Лим, е подготвен да му продаде на Роналдо мнозински дел од акциите на некогашниот шпански шампион, и дека целокупната трансакција би можела да се формализира до крајот на сезоната.
Како што се наведува, Роналдо има намера по завршувањето на играчката кариера во Ал Наср да се врати во Шпанија, каде што од 2009 до 2018 година играше за Реал Мадрид, а неговите планови со Валенсија се тесно поврзани со инвестициските фондови од Саудиска Арабија.
Целиот процес околу влегувањето на Роналдо во Валенсија треба да го олесни тоа што е пријател со Лим, бидејќи сопственикот на овој шпански клуб ги поседува правата за рекламирање на португалската ѕвезда.
Доколку се остварат тврдњите кои делумно се потврдени, Валенсија би можела со текот на времето од слаб клуб да стане значаен фактор во шпанскиот фудбал.
„Лилјаците“ во моментов се наоѓаат во зоната на испаѓање со исти број на бодови како Лас Палмас, кој е прв над цртата, а следниот натпревар ќе го играат во недела на гостувањето кај Осасуна во Памплона.