Словенија без Шешко на дуелот со Македонија во Скопје

Јан Облак, капитенот на Словенија
Фото: Антон Зайцев / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Селекторот на Словенија, Бошјан Цесар, го објави списокот од 26 фудбалери за последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите. Словенците во петок, 13 ноември, ја дочекуваат Швајцарија на стадионот „Људски врт“ во Марибор, а три дена подоцна, на 16 ноември, гостуваат кај Македонија во Скопје. Двата натпревари почнуваат во 20:45 часот.

Во составот повторно го нема напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Бенјамин Шешко, кој поради повреда ја пропушти и претходната репрезентативна акција. Надвор од списокот се и повредениот Јуре Балковец, како и Тамар Светлин, пренесува 24ур.

Единствен новајлија е 20-годишниот стопер на Аталанта, Реља Обриќ, а во репрезентацијата се враќа играчот од средниот ред на МТК од Будимпешта, Адријан Жељковиќ. Капитенот Јан Облак ќе му се приклучи на тимот и покрај тоа што неодамна стана татко.

Цесар не крие дека го загрижува недостигот од минутажа кај дел од репрезентативците, особено во одбраната. Според Дело, Давид Зец по натпреварот во Глазгов собрал само 130 минути во својот клуб, а Јака Бијол на последните четири клупски натпревари одиграл вкупно 94 минути.

Словенија е втора во групата со седум бода по четири натпревари, а во октомври славеше со 2-1 против Шкотска во Глазгов. Второто место би ѝ донело поповолен шешир на ждрепката за квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Македонија во групата сè уште чека на првиот бод.

Голмани: Јан Облак (Атлетико Мадрид), Игор Векиќ (Риека), Матевж Видовшек (Олимпија).

Одбрана: Јака Бијол (Лидс), Жан Карничник, Ерик Јанжа (Горник Забже), Вања Дркушиќ (Еспањол), Давид Брекало (Орландо Сити), Давид Зец (Холштајн Кил), Срѓан Кузмиќ (Лориен), Јошт Урбанчич (Олимпија), Жан Залетел (Виборг), Реља Обриќ (Аталанта).

Среден ред: Адам Гнезда Черин (Ал Вахда), Санди Ловриќ (Удинезе), Тими Макс Елшник (Црвена звезда), Томи Хорват (Бристол), Марк Забуковник (Цеље), Адријан Жељковиќ (МТК Будимпешта).

Напад: Андраж Шпорар (Слован Братислава), Бенјамин Вербич (Цеље), Жан Випотник (Свонзи), Жан Целар (Базел), Даниел Штурм (Славија Прага), Аљоша Матко (Ујпешт), Тјаш Бегиќ (Сампдорија).