Почина Хесус де Мигел, напаѓачот на Тенерифе, по судир на теренот

Стадионот „Хелиодоро Родригез Лопез“ во Санта Круз де Тенерифе
Фото: Mentxuwiki / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Шпанскиот фудбал е во жалост. Напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел, почина во вторник наутро на 30-годишна возраст, еден ден откако доживеа тежок судир со голманот на Андора, Хесус Овоно, на натпреварот од Втората шпанска лига на стадионот „Хелиодоро Родригез Лопез“. Клубот од Канарските Острови соопшти дека фудбалерот починал во 8 часот по локално време.

Несреќата се случи во судиското продолжение на натпреварот, кој поради предупредување за обилни врнежи беше одложен за 24 часа. При резултат 2-2, откако Андора стигна до израмнување по заостанувањето од 0-2, долга топка беше исфрлена од казнениот простор на Тенерифе. Де Мигел појури кон неа, а Овоно излета далеку од својот гол и со скок напред се судри со напаѓачот кај центарот на теренот, пренесува Гардијан. Голманот на Андора веднаш доби директен црвен картон.

Де Мигел остана во несвест на тревата, а фудбалерите од двата тима очајно бараа медицинска помош. Судијата Мануел Анхел Перез Ернандез на крајот го прекина натпреварот во 108мата минута. Според Би-Би-Си, напаѓачот се здобил со повреди на главата и градниот кош, а лекарите успеале да му го вратат пулсот уште во амбулантното возило.

Тој беше пренесен во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“ во Санта Круз. Тенерифе во понеделник соопшти дека дише самостојно и дека е стабилен, но во несвест и во критична состојба. Во 5 часот наутро клубот објави дека неговата невролошка состојба се влошила, а три часа подоцна следуваше трагичната вест.

„Скршени од болка, со кнедла во грлото и без да можеме да поверуваме дека ова е вистина“, се вели во соопштението на Тенерифе, во кое клубот изрази сочувство до семејството и до сите што го сакале фудбалерот, нагласувајќи дека за ваков суров крај нема зборови на утеха.

Претседателот и мнозински сопственик на Андора, Жерард Пике, кој беше на стадионот, се огласи на социјалните мрежи. „Ми е жал со сета душа. Почивај во мир, Хесус“, напиша поранешниот дефанзивец на Барселона, пренесува Марка. Андора соопшти дека е „со скршено срце и уништена“ од веста.

Сочувство испратија Барселона, Реал Мадрид, Кастељон, претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, како и бројни фудбалери, меѓу кои и Килијан Мбапе. Шпанската фудбалска федерација ги одложи натпреварите од Купот на Кралот и Купот на Кралицата закажани за вторник.

Шпанските медиуми пишуваат дека Овоно е длабоко потресен. Според Ел Еспањол, голманот плачел во соблекувалната и го затворил својот профил на Инстаграм по навредите што ги добил, а од Андора нагласуваат дека немало никаква намера да го повреди противникот.

Де Мигел беше роден во Мадрид, а кариерата ја започна во Леганес во 2015 година. Потоа играше за Фуенлабрада, Интер Мадрид, Навалкарнеро и Унионистас, а во 2023 година премина во Кастељон, со кој постигна 16 гола и се пласираше во Втората лига. Минатото лето потпиша тригодишен договор со Тенерифе, за кој постигна 11 гола на 29 натпревари. Зад себе остави ќерка родена минатата година.