Станојевиќ по четврти пат на клупата на Партизан

Александар Станојевиќ, нов тренер на Партизан
Фото: Medija centar Beograd / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Александар Станојевиќ е новиот тренер на Партизан, дознава српската новинска агенција Тањуг. Искусниот стратег, кој претходно во три мандати ја водеше белградската екипа, ќе го замени Саша Илиќ, кој спогодбено го раскина договорот само пет месеци по доаѓањето.

Илиќ одлучи да си замине по домашниот пораз од Чукарички со 0:2. Двата гола за гостите ги постигна Милан Ѓоковиќ, во 34тата минута и во судиското надополнување на првото полувреме. Според Б92, раководството се обидело да го одврати од заминувањето, но овојпат поранешниот капитен не се предомислил.

„Благодариме за сè, Сале. Партизан секогаш ќе биде твојот дом“, порача клубот во соопштението по разделбата.

Партизан е во длабока криза. По 12 кола во српската Суперлига, „црно-белите“ се на десеттото место со 11 бода и седум порази, далеку од врвот на табелата.

Илиќ ја презеде екипата на почетокот на јуни, а сезоната ја започна добро. Партизан помина пет кола од квалификациите за Конференциската лига, но на крајот беше елиминиран од Хетафе, откако на првиот натпревар загуби со 1:3.

Според Политика, Илиќ и претходно во два наврата размислувал да замине, но по разговорите со раководството и на наговор на навивачите се откажувал од оставката. Во неделата, ден по поразот од Чукарички, не се одржал ниту планираниот тренинг на првиот тим.

Првиот предизвик за новиот тренер е гостувањето кај Раднички во Ниш, во среда од 17:00 часот, во заостанатиот натпревар од четвртото коло на Суперлигата.

За Илиќ ова беше уште едно поглавје во клубот во кој помина голем дел од играчката кариера. Телеграф потсетува дека тој на клупата се задржа само пет месеци, а лошите резултати во првенството го натераа да ја донесе конечната одлука.