Тајсон Фјури откри дека му била дијагностицирана шизофренија

Тајсон Фјури
Фото: Mike DiDomizio / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Поранешниот светски шампион во тешка категорија Тајсон Фјури откри дека по освојувањето на титулата против Владимир Кличко во 2015 година му била дијагностицирана шизофренија. Триесет и осумгодишниот Британец за тоа зборува во документарниот филм за неговиот живот, кој стриминг-платформата Нетфликс ќе го објави во петок, пренесува Би-Би-Си спорт.

Фјури и неговата сопруга Парис раскажуваат дека дијагнозата била поставена откако во јуни 2016 година бил примен во болница поради сомневање за срцев удар. Лекарите подоцна утврдиле дека станувало збор за напад на анксиозност.

„Зборовите не можат да ја опишат темнината во која бев. Тоа беше како живиот пекол. Мислев дека ќе завршам во тапацирана соба со заклучена врата и тоа многу ме исплаши“, вели Фјури во филмот.

Тој тврди дека слушал гласови што се заканувале дека ќе му наштетат нему и на неговото семејство, а радиото, како што вели, водело цели разговори со него. Во болницата ја молел сопругата да го изнесе оттаму, бидејќи бил убеден дека некој сака да го убие. По излегувањето од болницата биле потврдени дијагнозите за шизофренија и биполарно растројство.

„Тој е благ шизофреничар“, рече Парис Фјури во филмот, пренесува Индипендент. Режисерката Луси Вилкокс изјави дека боксерот не го сака зборот шизофренија, но дека дијагнозата била официјално поставена.

Во периодот по победата над Кличко, Фјури значително се здебели и се бореше со зависност од алкохол и дрога. Пресвртот, како што раскажува, се случил на една забава за Ноќта на вештерките во 2017 година, кога се засрамил од својот изглед и сфатил дека го имал целиот свет во свои раце, а сè фрлил.

Тоа бил почетокот на неговото враќање, кое во 2020 година заврши со нова светска титула по победата над Деонтеј Вајлдер. Деведесетминутниот документарен филм содржи и разговори со неговиот татко Џон, кој призна дека долго време ги игнорирал проблемите на синот, пишува Индипендент.

Фјури во моментов се подготвува за долгоочекуваниот британски дуел со Ентони Џошуа, закажан за 11 декември во Кардиф, кој исто така ќе се пренесува на Нетфликс, наведува Гардијан.