Федералниот суд во Њујорк го одби барањето на американските подружници на ФИФА да ја спречат УЕФА да собира докази поврзани со обидот на претседателот Џани Инфантино да продаде дел од правата за Светското првенство на приватни инвеститори, пренесува Дојче веле.
Судијката Џанет Варгас во четвртокот пресуди дека двете американски компании на ФИФА немаат директен, суштински и правно заштитен интерес да се вклучат во постапката, која е насочена против Инфантино и неговите зделки.
„Ништо во списите не укажува дека американските подружници, па дури ни самата ФИФА, ќе бидат страни во предвидената кривична постапка“, напиша Варгас во одлуката од осум страници.
Од ФИФА одговорија дека судот не одлучувал за суштината на барањето на УЕФА и дека засега не мора да бидат предадени никакви документи. Според Инсајд ворлд футбол, одлуката сè уште не ѝ дава на УЕФА пристап до бараните документи, но ја отстранува пречката што ФИФА се обиде да ја постави.
УЕФА во август поднесе барања до судовите во Њујорк, Флорида и Колорадо, со цел да добие документи од банката Џеј Пи Морган и инвестициската компанија Трајв капитал за планот наречен ФИФА Форвард. Европската централа најави и кривична пријава против Инфантино во Швајцарија доколку најде докази за финансиски злоупотреби.
Според планот, инвеститорите требало да платат 4,2 милијарди долари за удел од повеќе од 20 отсто во компанија што ќе ги води турнирите на ФИФА. На 211 членки на ФИФА им биле понудени по 20 милиони долари за поддршка, но УЕФА, Конкакаф и Азиската фудбалска конфедерација се спротивставија, а Инфантино во август се откажа од идејата.
И покрај притисокот, Инфантино сака нов мандат на чело на ФИФА. Засега кандидатура објави Јапонецот Кохзо Ташима, член на Советот на ФИФА, а рокот за пријавување на кандидатите истекува во среда, 18 ноември. Според Дојче веле, УЕФА се обидува да го убеди Арсен Венгер да се кандидира против Инфантино.
















