Условна казна затвор за навивач поради расистички навреди кон Мбапе

Килијан Мбапе во дресот на Реал Мадрид
Фото: Jester77aa08 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Покраинскиот суд во Астурија го прогласи за виновен навивачот кој упатувал расистички навреди кон Килијан Мбапе на натпреварот меѓу Овиедо и Реал Мадрид во август 2025 година, соопшти Реал Мадрид.

Обвинетиот е осуден за кривично дело од омраза на 11 месеци затвор, парична казна и повеќе забрани. Затворската казна е условна, под услов во наредните две години да не влегува на стадиони на кои се играат официјални спортски натпревари.

Инцидентот се случи на стадионот „Карлос Тартиере“ на 24 август 2025 година. Навивачот бил забележан како упатува звуци и гестови кон францускиот напаѓач по неговиот прв гол кон крајот на првото полувреме, а Ла Лига го пријавила случајот во полиција, пренесува Еспн. Мбапе на тој натпревар постигна два гола за победата од 3-0.

Реал Мадрид во постапката настапи како приватен обвинител и најави дека ќе продолжи да го прави тоа и во други слични случаи. Клубот потсети дека оваа пресуда се надоврзува на претходните осудителни пресуди за расистички навреди кон неговите играчи на стадионите „Месталја“, „Сон Моикс“, „Ваљекас“ и „Хосе Сорија“.

„Реал Мадрид ја потврдува својата посветеност на борбата против расизмот и искоренувањето на секое расистичко однесување во фудбалот и спортот“, се наведува во соопштението на клубот.

Пресудата доаѓа само неколку дена откако селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, пред натпреварот со Англија изјави дека во Шпанија нема расизам, потсетува Би-би-си. Шпанската фудбалска федерација минатиот месец беше казнета поради исламофобни повици на навивачите на натпреварот против Египет во Барселона.