Двајца македонски кошаркарски суперлигаши во вторникот објавија нови засилувања. Куманово го ангажира искусниот српски центар Стефан Фундиќ, а Тиквеш Голден Игл го засили составот со младиот австралиски бек Бруклин Брутон.
Фундиќ со трофеи во Босна и Хрватска
Фундиќ е роден на 30 јуни 1994 година во Белград. Висок е 200 сантиметри, тежи 105 килограми и може да игра на позициите крилен центар и центар. Во кариерата настапувал за Беовук 72, Вршац, Мега Бемакс, Задар, Игокеа, Гисен 46ерс и Младост Земун, а последен клуб му беше Борац Чачак, каде што играше од 2025 година.
Српскиот кошаркар има и освоени трофеи. Со Игокеа беше шампион на Босна и Херцеговина во 2022 година и двапати го освои националниот куп, во 2021 и 2022 година. Со Задар во 2020 година триумфираше во Купот на Хрватска.
Куманово, кое оваа сезона се врати во елитата, со Фундиќ добива искусен играч во внатрешната линија. Тимот на Марин Докузовски ја отвори сезоната со пораз од шампионот МЗТ со 85-77, а во второто коло, по пресврт, го совлада Штип со 70-59 и стигна до првата победа.
Брутон веќе еден месец тренира во Кавадарци
Бруклин Брутон има 22 години, роден е на 8 декември 2003 година, а досега настапуваше во австралиската НБЛ1 лига, каде што го носеше дресот на Баларат Мајнерс.
Австралиецот веќе повеќе од еден месец престојува во Кавадарци, каде што тренира со новите соиграчи и се приспособува на барањата на стручниот штаб. Неговото деби во дресот на Тиквеш се очекува во наредниот период.
Кавадарчани со него добиваат уште една опција во надворешната линија. Тиквеш Голден Игл, поранешниот Фени Индустри, ја почна сезоната со убедлива победа во Штип со 93-65, а во второто коло загуби од Работнички со 86-70.
Двата клуба по две кола имаат по една победа и еден пораз, а новите засилувања треба да придонесат за подобри настапи во продолжението на МТЕЛ Суперлигата.
















