АС Монако Баскет официјално ги прекина своите активности, откако судот во Монако во средата утврди дека клубот е во состојба на неможност за плаќање, што претставува прв чекор кон судска ликвидација. Одлуката важи ретроактивно од 1 јули 2026 година, објавија BeBasket и L’Équipe.
„Денес е тажен ден. И покрај сите вложени напори, АС Монако Баскет беше ставен во состојба на неможност за плаќање. Клубот сега прави пауза, со надеж дека ќе најде пат кон реструктуирање и дека еден ден ќе го рестартира проектот“, се вели во соопштението на клубот до навивачите, пренесува Eurohoops.
Долг од речиси 28 милиони евра
Според судот, клубот нема никакви расположливи средства, додека вкупниот познат долг изнесува 27.888.305,95 евра. Најголемиот дел од долгот, над 21 милион евра, е заемот што државата Монако го одобри преку Националното друштво за финансирање (SNF), за да се покријат пропустите на сопственикот Алексеј Федоричев и да се заврши минатата сезона. Не се исплатени ниту септемвриските плати на 21 вработен во клубот.
Монако оваа сезона остана без натпреварување. Клубот не беше запишан ниту во Бетклик Елит, ниту во Елит 2, а Француската кошаркарска федерација во септември го одби и барањето за влез во третиот ранг НМ1. Клубот го загуби и новиот акционер, швајцарската компанија Swiss Montana A.G., која ветуваше вложување од десет милиони евра.
Клубот има рок од 15 дена да поднесе жалба, но адвокатот Ксавие Ле Серф-Гал појасни дека тоа ќе се случи само ако Управниот суд во Париз, по итна постапка, нареди враќање на тимот во НМ1 пред истекот на рокот. Одлуката на тој суд може да се чека до крајот на ноември.
Од четири трофеи до гаснење за три месеци
На 24 јуни Монако во салата „Гастон Медесен“ го прослави историскиот квадрупл, освојувајќи ги сите четири трофеи во Франција. Во последните 12 години „Рока тим“ освои три титули во Франција, четири Лидерс купа, два Купа на Франција и еден Суперкуп, а во 2021 година го освои и Еврокупот, првиот европски трофеј за Кнежевството во колективен спорт. Потоа следуваа две учества на фајнал фор во Евролигата, вклучително и едно финале.
Машката кошарка во Монако сега продолжува само преку аматерското здружение АСМ, чиј прв тим се натпреварува во Национал 3, петтиот ранг во Франција. Ова не е прв ваков удар за клубот: Монако веќе еднаш беше ликвидиран во 1991 година, а пред повторно да заигра во Евролигата, му требаа 23 години да се врати во професионалната кошарка.
















