Goblin Games - Индустријата за Board Games е во огромен подем! ↓↓↓
Чаби Алонсо сè уште не е службено избран за нов тренер на Реал Мадрид, но шпанскиот тренер веќе го дочека големо „главоболие“ откако дозна каква ќе биде судбината на Џуд Белингем по Светското клупско првенство.
Реал Мадрид на почетокот на следната недела треба да го официјализира доаѓањето на Алонсо, и јасно е дека се чека само последниот натпревар во сезоната на Ла Лига на кој Карло Анчелоти ќе се збогува од кралскиот клуб.
Веднаш откако Анчелоти ќе го напушти Реал, ќе биде официјализирано доаѓањето на Алонсо кој ќе потпише повеќегодишен договор со овој клуб.
Алонсо нема многу време за подготовка затоа што веќе средината на јуни ќе дебитира на клупата на Реал Мадрид, имајќи предвид дека овој клуб ќе учествува на Светското клупско првенство.
Шпанскиот тренер се надева дека Флорентино Перез веќе за ова натпреварување ќе му донесе неколку засилувања за да ги решат проблемите на дефицитарните позиции.
Но, и покрај тоа што Алонсо сè уште не е официјално претставен во Реал, тој веќе интензивно работи на планот за новата сезона кој наиде на голем проблем затоа што шпанскиот тренер доби потврда дека ќе биде без еден од најдобрите играчи на почетокот на истата.
Шпанските медиуми објавија дека Џуд Белингем нема да игра на почетокот на новата сезона затоа што Англичанецот одлучи дека е време за операција откако ќе го заврши настапот со Реал на Светското клупско првенство.
Белингем веќе речиси две години има проблем со повредата на рамото. Тој заработи исчашување на рамото пред две години и тогаш ја одби операцијата, но болките станаа неподносливи и одлучи дека е време да се реши тој проблем.
Тој по Светското клупско првенство ќе оди на операција на рамото и првите прогнози велат дека ќе биде надвор од терените дури три месеци и дека на располагање за Алонсо ќе може да биде дури во октомври.
Се наведува дека таа вест прилично го изненадила Алонсо затоа што не знаел дека Белингем го има тој проблем, но е согласен Англичанецот конечно да ја реши таа повреда за да биде на 100 проценти од своите можности во новата сезона.
Белингем пристигна во Реал во летото 2023 година од Б. Дортмунд за дури 113 милиони евра, но се покажа како полн погодок.
Фото: Принтскрин