Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
-На почетокот би сакал да искажам една огромна благодарност до спонзорите на ФК Победа:Локалната Самоуправа, ,,Прилепската пиварница,,, ,,Мермерен Комбинат,,, ,,Комфи Ангел,,, ,,Витаминка,, и ,,Жито Прилеп,,. Тоа се спонзори чии сопственици изминатиот период даваа безрезервна поддршка и се надевам дека со нив ќе продолжиме да соработуваме. Исто така ја користам оваа прилика да ги поканам сите оние кои се заинтересирани да спонзорираат во ФК Победа односно да помогнат на прилепскиот прволигаш да ни се обратат за да можеме да се засилиме како финансиски така и на планот на играчкиот кадар. Со помошта на спонзорите односно нивната безрезервна подршка ние го стабилизиравме клубот пред се финансиски. Откако сум јас претседател на клубот немавме никакви финансиски проблеми како во пролетниот дел на минатогодишното првенство на Втората така и изминатата есен во шампионатот на Првата лига. Редовно се исплаќаат плати и играчите имаат добри услови за нивно функционирање во рамки на клубот.
Пред да започнеме да зборуваме за идните планови би сакал да се осврнам на изминатата есенска полусезона во Првата лига. Би ја поделил на 3 периоди. Првиот период кога Дарко Крстески сеуште беше тренер на Победа, потоа откако дојде Зоран Штерјовски имавме два периоди едниот нагорен а другиот период на резултати надолен.
Во тој прв период додека Дарко Крстески беше тренер на клубот ние како клуб имавме доста слаби резултати и токму заради тоа го раскинавме договорот со Дарко Крстески и го ангажиравме Зоран Штерјовски како тренер. Веднаш потоа имавме неколку добри резултати.
Неколку натпревари се почувствува нагорна линија на движење на квалитетот на играта и квалитетот на фудбалерите и почнавме да собираме бодови со што Победа тргна во една нагорна линија. И кога сите мислевме дека таа нагорна линија ќе продолжи во ноември и на почетокот на декември, се случија неколку натпревари од кои сите ние очекувавме дека Победа конечно ќе биде стабилизиран прволигаш и ќе почне да собира бодови.
На големо изненадување на целокупната фудбалска јавност и нас од клупското раководство имаше слаби резултати. Ние сме тука и да поддржуваме и да критикуваме, и да наградуваме и да казнуваме. Разговаравме со сите играчи и со тренерот и Стручниот штаб и им укажувавме цело време на сите оние проблеми кои се случуваат не од фудбалски туку од аспект на очекувањата на Управата и фудбалската јавност. Ние обезбедуваме финансиска стабилност на клубот и услови за работа но бараме и да се врати.
Треба да сфатат и фудбалерите и тренерите и сите фудбалски работници дека оној што дава бара за возврат. Доста од овие спонзори не сакаат Победа да ја гледаат на дното на прволигашката табела. Не сакаат ни да слушнат за испаѓање од лигата. Бараат резултати. Ги вложуваат парите во клубот и бараат Победа да биде што погоре на табелата.
Во играчкиот кадар кој го имавме на почетокот на оваа полусезона јас и тогаш им кажував на фудбалерите и сеуште верувам дека тие се прволигашки фудбалери. Со овој костур на тимот кој го имаме ние можеме и треба да бидеме погоре на табелата. Кога ќе се случи лош резултат ние мора да му укажеме на тие фудбалери дека тое е под очекувањата на Управата.
Како што целата фудбалска јавност беше информирана минатата недела се разделивме со неколку фудбалери, односно според мислењето на Шефот на Стручниот штаб овие фудбалери со кои се разговараше да го напуштат клубот, нема да му бидат потребни за наредната полусезона.
Тоа е негова одлука и стои на таа одлука. За возврат ние бараме нови играчи кои ќе ја засилат Победа за да може поконкурентно да настапува во пролетниот дел на првенството. Односно да почне да бележи очекувани резултати. Ние нема да бараме спектакли, ама бараме да има многу подобра игра и да почнеме стабилно и во континуитет да освојуваме бодови со што би го подобриле пласманот на првенствената табела. На тој начин би ја стабилизирале Победа и би можеле да кроиме подолгорочни планови за клубот.
-Комуникацијата со тренерот Штерјовски верувам е на дневна осова. Дали има некоја информација што би можеле да ја соопштиме на фудбалската јавност?
-Да. Ние веќе договивме две засилувања за Победа. Првото е Уемерсон Рамон, кој настапувал во хрватските лиги и есенва има постигнато 7 погодоци. Станува збор за 25 годишен бразилец, корпулентен напаѓач кој веруваме ќе не засили во нападот.
Вториот е 23-годишниот српски интернационалец Милан Војводиќ, кој настапува како полушпиц и крилен напаѓач. Тој има европска титула со репрезентацијата на Србија до 19 години. Во моментов преговараме со уште 6-7 македонски фудбалери кои би можеле да ја засилат Победа. На проба имаме уште еден бразилец Тијаго, кој игра на позиција заден везен, за чиј ангажман се чека мислењето на тренерот.
Беше на проба уште еден србин Мирослав Станиќ, играч на крилна позиција, кој ги задоволи апетитите на Стручниот штаб и веројатно ќе разговараме и за негов потпис. Долг е преодниот рок а имаме простор само за уште двајца странци. Во наредниов период ќе пробаме да се засилиме со македонски фудбалери а просторот за странци ќе го оставиме за околу Нова година и неколку дена потоа за дотогаш да дефинираме кои би ги потпишале затоа што само 4-ца странци можат да играат. Но доколку излезе шанса за нгажман на некој квалитетен играч ние би го ангажирале до крајот на преодниот рок-11-тти февруари.
-Има голем проблем во македонскиот фудбал. Ние сметаме дека сме фудбалска нација и дека имаме безброј фудбалери кои се квалитетни за да играат во Првата лига, но не е така. Верувајте мака мачиме да најдеме фудбалер кој е со добри квалитети и кој што со сигурност би го подигнал квалитетот на нашата игра. Посебно во овој зимски преоден рок, а и во летото беше така. Сите велеа дека има фудбалери на располагање, вакви, такви…Кога ќе прашате фудбалските работници за совет кој фудбалер да се ангажира, да посочат некој на конкретна позиција, тука застанува муабетот. Сите велиме дека има, ама на крајот испаѓа дека квалитетот на фудбалери во Македонија и тие што се поквалитетни и се сигурни дека со квалитет можат да го подигат нивото на екипите е многу мал.
-Дали ова се однесува на сите или само на слободните фудбалери во зимскиот преоден рок?
-Не сакам да бидам сфатен погрешно. Јас не велам и не можам да го отценам квалитетот на фудбалери затоа што јас не сум фудбалски работник, не сум ни тренер нити имам лиценца за тренер. Проблемот настанува кога разговараме со некој стручен за таа работа кој ни вели има фудбалери, донесете засилувања, ваков играч, таков играч… И кога ќе го прашате:Кажете кој?, тука застанува разговорот. Нема понуда. Значи сакам да појаснам дека јас не велам дека во Македонија нема добри фудбалери. Ние и во Победа имаме 7-8 екстра квалитетни фудбалери кои доколку физички добро се спремат , мислам дека Победа ќе ја носат до 3-то место и излез во Европа. Тоа го гарантирам!.
Истото се случува во сите клубови. Немаат понуда а кога ќе побарате конкретно, одговараат:Барајте странец. Не сакам да навредам фудбалер или фудбалски работник во Македонија. Но проблемот е реален и очевиден. Ние и летото и сега мака мачиме да најдеме квалитетни фудбалери кои што ќе ни гарантираат подигање на квалитетот на играта. Не станува збор за слободни или неслободни фудбалери.
Во Македонија има многу мал број на фудбалери со долгорочни договори. Повеќето се слободни или полуслободни. Со плаќање на тренинг компензација може секој играч да се доведе. Многу се ретки играчите кои имаат договори на две, три или четири години. Ретко кој клуб или играч се обврзува на подолг период. Имаше пред некое време оглас за ангажирање на фудбалери во германска Прва лига и сите го зедоа како шега.
Дури се доведувам во ситуација да распишеме оглас за фудбалери па да видиме кој ќе се пријави. Верувајте разговараме со 7-8 менаџери кои имаат фудбалери и од Македонија, и од Балканот и Европа па и подалеку. Нивната понуда секогаш е странец. Могу ретко ние добиваме понуда за домашен фудбалер. Тоа е голем проблем на кој треба долгорочно да се размислува. Се гледа дека Првата лига, освен еден-два клуба, е целосно израмнета и решаваат нијанси. Некогаш грешки, дали судиски грешки, домашен терен…Така да сите играчи во глобала се на тој квалитет кој што постои и многу малку, многу ретко играчи отскокнуваат од квалиутетот кој што го имаме и веднаш тие играчи паѓаат в очи.
Повторувам дека ние во Победа имаме 22-23-годишни играчи кои гарантирам дека ако ја подобрат физичката подготвеност за 30-40% ќе имаме прволигаш кој ќе биде во горниот дел на табелата, без да носиме нови засилувања. Истото им го велев на играчите и кога станав претседател минатата зима. Тогаш бевме на 7-то место во Втората лига. Истите играчи тогаш ми велеа дека ќе испаднеме од Втора лига…па на крајот бевме првопласирани, без засилувања, без ништо. Така да вербата во себе, работата, инвестицијата во самото тело и физичката подготвеност можат многу да го подигнат квалитетот на секој играч поодделно а со тоа и квалитетот на екипата во целина.
-Со едно вакво размислување, какво што ретко кој има јавно образложено, и се погледнува на вистината в очи. Вистината е таа и на неа треба реално да се гледа?
-Треба да се работи. Кај нас воопшто многу малку се гледа и внимание се посветува на работата со младите категории. Ние како Победа сме хендикепирани затоа што 3-4 години не работеле младинските категории. Јас сум најголем поборник да се инвестира и да се форсираат млади играчи. Мислам дека забележавте дека ние имаме тројца играчи по 16 години во првата екипа и на двајца од нив им се даде многу голема шанса да покажат што знаат. И тие не не разочараа. На последниот куп натпревар со Брегалница во Штип Лука Трајкоски и Марио Наумоски беа главни играчи на Победа на теренот. 16 години и 2 месеци имаат децата. Таа е реалноста, таа е вистината и на тој план треба да се работи во иднина.
-Постојат многу причини и виновници за ваквиот пласман. Тоа што поради почетокот на работите на Градскиот стадион Победа не игра во Прилеп, што беш оштетена од судиите…Победа многу изгуби и финансиски и бодови. Кога ќе се направи теренот и Победа повторно ќе игра во Прилеп?
-Ситуацијата во македонскиот фудбал е да не речам жална. Секаде каде играме и каде гостуваме скоро и да нема публика, со исклучок во Штип и Битола. Така да секаде каде одиме да играме подршката од навивачката група ,,Мајмуни,, ни е драгоцена. Тие се најбројни. На мечевите со Вардар и Работнички на Националната Арена во Скопје ние имавме повеќе навивачи и поголема подршка. Со Вардар имаше 200 ,,Мајумуни,, и 200 ,,Комити,, и ниеден обичен љубител на фудбалот. Во оваа прилика упатувам огромна благодарност за нивната подршка и се надевам дека ќе продолжиме да соработуваме и дека таа соработка уште повеќе ќе се продлабочува затоа што фудбалот се игра за публика а доколку нема публика, доколку нема навивачи не треба воопшто ни да се игра.
-Во врска со прашањето за стадионот. Тој кога тогаш мораше да почне да се реновира. Дали е погодено времето за реновирање времето ќе покаже. Инаку ние веќе се навикнавме да играме на гостински терен. Веќе втора сезона и повеќе од една година цело време играме надвор од Прилеп, на гостински терен. Но веројатно сте во право дека доколку би играле на домашен терен би имале неколку бодови повеќе и доколку немаше неколку судиски неправди кои не би сакал да ги коментирам, кои ако ги гледаме од другата страна и другите би го рекле истото. Значи цело време ние сме сомнителни кон судииите. Ние на Балканот така сме научени. И сметаме дека доколку би играле во Прилеп тие судиски одлуки не би биле такви и ние би имале неколку бода повеќе што во глобала, да можеби е така. Правиме напори да го оспособиме теренот на Могила за да играме таму затоа што Градскиот стадион веројатно ќе се реконструира уште неколку месеци после што ќе се прават трибините, кои се обврска на Локалната Самоуправа и Победа веројатно до крајот на сезоната нема да може да игра на Градскиот стадион. Затоа ние ќе пробаме да го оспособиме теренот на Могилата доколку ФФМ ни го дозволи тоа. Имаме и друг проблем.
Не е проблемот само каде играме туку и каде тренираме. Не се инвестирало долги години во Победа во инфраструктура и услови за тренирање. Тренирале, играле и се правеле тука на стадионот, што откако тој ќе се направи нема повеќе да биде дозволено туку ќе може да се влегува во теренот максимум двапати неделно по два часа. Значи и откако ќе се реконструира и направи стадионот ние нема да можеме да тренираме тука. Така да со Управата, спонзорите, Градоначалникот и Локалната Самоуправа сме во фаза на размислување и подготовка на проекти за Тренинг центар на Победа, кој веројатно ќе биде кај поранешниот стадион на ,,Металец,,.
Идејата е таму да се направи дом на ФК Победа каде ќе можат да се развиваат и непречено да работат покрај првиот тим и сите младински категории, што е многу битна работа за клубот. Со помошни простории, за прехрана и сместување и услови за работа овој центар ќе ни олесни многу во функционирањето на клубот. Доколку тоа успееме да го реализираме како Управа сме завршиле голема работа. Наша работа е да се инвестира што е можно повеќе и нивото на клубот да се подигне на повисоко ниво. Ние како Управа не можеме да играме фудбал туку наша обврска е да овозможиме подобри услови на фудбалерите. Основна цел следната година е изградбата на Тренинг центар. А каде ќе играме не зависи од нас, тоа е одлука на повисоко ниво. Ние ќе сториме се, ќе ги исполниме сите услови што ќе се побараат од нас за напролет да играме на Могила, а дали ќе играме тука тоа не зависи од нас.
-Градскиот стадион не е од ФК Победа туку од Локалната Самоуправа и тој ни е даден на користење. За изградбата не е виновен ни Градоначалникот ни ФК Победа. Има одреден период на изработка. Сите стадиони со проектот на ФФМ и УЕФА се работеа во период од 1 до 1,5 година. Нашиов е во изработка 4-5 месеци и верувам дека напролет ќе биде во завршна фаза. Но како Управа не седиме со скрстени раце туку бараме алтернативно решение за да напролет можеме да играме во Прилеп и да им овозможиме на прилепчани да поуживаат во прволигашки натпревари.