Лино Червар – За да се победи Ла Риоха ќе треба сите да го дадат максимумот


    Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


    Пред претстојниот натпревар на Металург во салата Борис Трајковски против шпанската Ла Риоха, тренерот на клубот од Автокоманда, Лино Червар кажа своите размислувања.

    “Во животот мора да се има среќа… Денеска, на почетокот на тренингот, Дрогришки направи еден ненамерен, но непромислен, потег во дуелот со Младеновиќ, чии последици веднаш ги видов, па сега чекаме резултати од магнетната резонанца за да утврдиме дали во е прашање повреда на лигаментите или настрадала и клучната коска. Жал ми е бидејќи тоа е една од најтешките повреди во кариерата на еден ракометар, по која е многу тешко да се вратиш во игра. За некои ваквите повреди значеле и крај на кариера, иако некои исе вратиле, но сигурно е дека сега нема да му биде лесно на Младеновиќ, затоа мислите ни се со него… На двете гостувања имавме две различни полувремиња, едно добро, едно лошо. Знам дека имаме млада екипа, знам дека морам да имам трпение, мора да се пројде долг пат. Кога започнавме со 9-2 против Татран мислев дека ќе направиме ракометна рапсодија, но потоа се распаднавме, а немав што и како да ги советувам младите играчи, кои се неискусни. Во Москва имавме шанси, но не ги искорстивме, сега мораме да размислуваме за Ла Риоха, која, заедно со Монпелје, е апсолутен фаворит за прво место во нашата група. Ла Риоха ја имаше и Барселона во рака, но промаши многу зицери и затоа на крајот загуби. Тие се добро компонирана екипа, спој од странски и домашни ракометари. Сега морам да најдам состав кој би и одговарал на играта на Ла Риоха.. Тие имаат брза транзиција преку Перез или Санчез и Египјанецот на десно крило. Одбраната им е висока и не е лесно да се пробие, но играта ќе им се сведе на надворешната линија преку Молина и Фиго, а на десната страна го имаат Именез, додека на линијата имаат искусни пикери, тука е Гарабаја, кој во одбрана игра на позиција центар во плитката 6-0 линија. Тие се искусна екипа која лесно казнува. Да се победи таква екипа може, но ќе мораме да дадеме повеќе од 100% и да се спротивставиме со цврста зона, без многу технички грешки. Ќе ни биде голем предизвик и затоа ја повикувам публиката да дојде и да ни помогне во обидот да и се спротивставиме на Ла Риоха. Ќе ни недостасуваат неколку повредени ракометеари. Но, ќе се обидеме да одиграме колку можеме и да го надоместиме тој хендикеп. Ова е голем предизвик за нас, мораме да се обидеме да дадеме се од себе. Ова е Сизифова работа, не се срамиме од досега сработеното. Вредно работиме. Имаме и осцилации, но така е тоа. Не се правдаме, само сакам да ви кажам дека не е лесно да се работи со млади играчи. Имаме млада екипа од 20-годишни играчи кои мораат да играат на ниво на 30-годишни играчи и поради тоа мораме да имаме трпение“, изјави тренерот на Металург, Лино Червар.