„АС“: Лопетеги сака да донесе талентиран Мексиканец на „Сантјаго бернабеу“

Реал Мадрид доживеа голема промена летово, по третата освоена титула во Лигата на шампиони по ред, Зинедин Зидан одлучи да го напушти тренерското место, а на негово место седна Хулен Лопетеги, поранешниот селектор на Шпанија.

Лопетеги во соработка со претседателот на клубот, Флорентино Перез, почнал да изработува план за наредната сезона, а најпрво разговарале за нови засилувања.

Речиси е јасно дека Матео Ковачиќ ќе замине од екипата, а на негово место во средината на теренот ќе пристигне мексиканскиот репрезентативец Ектор Ерера.

„АС“ пишува дека Ерера е голема желба на Лопетеги, а Мексиканецот блескаше во победата против Германија на стартот на Мундијалот и неколку сезони игра на врвно ниво во Порто.

Ерера има 28 години, а Порто во 2013. година го плати 11 милиони евра, па неговата моментална вредност се проценува на 20 милиони евра, а тоа е сума која нема да му биде проблем на Реал да ја плати.