Одличниот Рикиардо прв на целта во Кина, Фетел најголем губитник


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Даниел Рикиардо е победник на третата трка од шампионатот на Формула 1 возена во Кина. За Австралиецот ова е шеста победа во неговата кариера.

Втор низ целта помина Валтери Ботас од Мерцедес, додека на третата позиција се пласираше Кими Раиконен од Ферари.

Луис Хамилтон повторно не се искачи на подиумот завршувајќи на четвртата позиција, но успеа да го смали заостанувањето зад Фетел кој денес заврши како осми. Германецот одлично ја започна трката, но по влегувањето во боксот беше престигнат од Ботас, па по тој момент се тргна надолу за него.

Клучниот момент се случи во 31.круг кога на патеката излезе безбедносното возило, а во тој момент болидите на Ред Бул влегоа во боксот и на крајот имаа голема предност во однос на ривалите.

Во 43. круг се случи нов пех за Фетел кој беше удрен од Макс Ферстапен. Лидерот во генералниот поредок изгуби неколку позиции, а младиот пилот на Ред Бул беше казнет со десет секунди.

Бодови уште освојуваа Нико Хулкенберг, Фернандо Алонсо, Карлос Саинц и Кевин Магнусен.

По три трки Фетел е на лидерската позиција со 54 бодови, Хамилтон е веднаш зад него со 45, а Ботас е на третата позиција со 40.

Кај конструкторите Мерцедес е прв со 85 поени, еден повеќе од тимот на Ферари.