Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Новиот репрезентативец на Македонија, натурализираниот Американец, Џордан Теодор денес пристигна во Скопје од каде веднаш се упати на подготовките на репрезентацијата во Маврово.
Со доаѓањето на Теодор нашата репрезентација се комплетира, но од МКФ наведуваат дека селекторот Давитков не ја исклучува можноста во репрезентацијата да пристапи уште некој играч, веројатно мислејќи на Перо Антиќ од кого се уште се чека одговор.
Џордан Теодор истакна дека е возбуден што ќе го носи дресот на репрезентацијата на Македонија и дека со нетрпение го очекува новиот предизвик.
„Навистина сум возбуден бидејќи ова е ново искуство за мене. Првпат добивам шанса да настапувам во национален тим и морам да признам дека ги одбројував деновите до пристигнувањето овде и до приклучувањето кон тимот. Не знам многу за моите соиграчи, но имаме доволно време да се запознаеме. Мојот ’поголем брат’ Лестер Бо Мекејлеб ми беше огромна поддршка во последниот период, ми пренесе голем дел од искуството со македонската репрезентација и морам да признам дека малку беше љубоморен (се смее). Знам дека играчите се прилично млади, го познавам само Перо Антиќ против кого сум играл во турското првенство. Отприлика го познавам менталитетот на играчите. По завршувањето на сезоната, која беше доста напорна и со збиен распоред, заминав на мал одмор, се видов со мојата фамилија и ги ’наполнив’ батериите за тоа што ни следи. За противниците за претквалификациите, знам дека ќе имаме и подготвителни натпревари со кои се надевам дека ќе влеземе во форма и дека ќе бидеме воиграни. За Бугарија настапува Ди Бост, кого го познавам, а како што слушнав Косово гради силен тим, таму игра уште еден мој пријател од Њу Џерси. Не смееме никого да потцениме на овие натпревари бидејќи се значајни за нас и за тоа што би следело понатаму. Сега ќе се обидам што побрзо да се аклиматизирам, да се ’поврзам’ со тимот и да продолжиме да напредуваме заедно. Верувам дека селекторот има план за сите нас, нам ни преостанува да дадеме сè од себе и да видиме кој каква улога ќе има на теренот. Нема да биде лесно, но знаете Рим не е изграден за еден ден!“- истакна Џордан Теодор пред заминувањето за Маврово.
По подготовките во Маврово, кошаркарите ќе се вратат во Скопје, а потоа заминуваат за Словачка каде ќе одиграат два пријателски натпревари со соодветната репрезентација.